Супермаркет во Белград / Фото: илустрација / belgradewaterfront.com/

Скоро тројца од четворица Срби не успеваат ништо да заштедат

Во Србија 71,2 проценти од домаќинствата не можат ништо да заштедат поради недоволните приходи, покажуваат резултатите од Анкетата за реалните месечни примања на вработените и трошоците на нивните домаќинства, која ја спроведе Сојузот на независни синдикати на Србија (СССС).

Како што се наведува, тоа значи дека речиси три четвртини од домаќинствата во Србија живеат од плата до плата и се финансиски ранливи и чувствителни на економски шокови, пренесува „Данас“.

Според анкетата, спроведена од 7 до 19 август оваа година, во која учествувале 2.219 испитаници, 18,5 проценти од нив изјавиле дека нивното домаќинство може да заштеди од 5.000 до 12.000 динари месечно (околу 40 до 100 евра), додека само 10,3 проценти од нив можат да заштедат повеќе од 12.000 динари (100 евра) секој месец.

Анкетата покажа и дека 50,6 проценти од испитаниците се откажуваат од патувања поради ограничен буџет, 16,6 проценти се откажуваат од културни искуства, 13,3 проценти се откажуваат од квалитетни производи, 11,2 проценти штедат на количината на купени производи, а 8,3 проценти од испитаниците штедат на други работи.

Од анкетата се гледа дека речиси половина од луѓето во Србија – 46,8 отсто, не можат да си дозволат седумдневен годишен одмор, додека 22 проценти од нив би можеле да потрошат за одмор од 60.000 до 80.000 динари (околу 500 до 650 евра), 18 проценти од 80.000 до 120.000 динари (650 до 1.000 евра), а само 13,2 проценти повеќе од таа сума.

Анкетата покажа дека најголемиот процент од испитаниците, 60,4 проценти, имаат двајца вработени во домаќинството, но и дека високи 25 проценти од домаќинствата во Србија преживуваат со една плата.

Затоа, СССС истакнува дека износот на платата е клучен за животниот стандард и дека политиката на минимална плата мора да се гледа преку фактот дека една или две плати се делат меѓу неколку членови на семејството, обично три или четири члена.

Според анкетата, 22,1 процент од домаќинствата во Србија имаат месечен приход до 60.000 динари (околу 500 евра) по член на домаќинството, додека 58 проценти од домаќинствата имаат заработка помеѓу 60.000 и 100.000 динари (околу 500 до 830 евра) по член.

Податоците, исто така, покажаа дека огромно мнозинство – 79,5 проценти од испитаниците, немаат дополнителен приход како дополнителна работа, прекувремена работа, социјална помош, детски додаток… и се потпираат на платата како главен и единствен извор на приход.

11,5 проценти од испитаниците издвојуваат 55.000 динари (околу 450 евра) за својата месечна кошничка за купување, 29,5 проценти од нив од 55.000 до 80.000 динари (околу 450 до 650 евра), 31,8 проценти од 80.000 до 120.000 динари (околу 650 до 1.000 евра), а 27,2 проценти повеќе од 120.000 динари (околу илјада евра).

Според синдикатите, многу домаќинства трошат поголем дел од својот расположлив приход за основни потреби, односно дека обично домаќинство во Србија троши малку повеќе од една просечна плата, што може да значи или дека двајца членови на домаќинството се вработени или дека потрошувачката е поддржана од дополнителни работни места, кредити и сива економија.

Според анкетата, 70,6 проценти од домаќинствата во Србија мора да издвојуваат средства за изнајмување стан или отплата на станбен кредит, а речиси една третина за тоа плаќа повеќе од 36.000 динари (околу 300 евра) месечно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот