
Скопските концерти на „Дед кен денс“ беа фантастично и вонвременско музичко доживување
Долго време ќе одѕвонува магичниот звук што го создадоа „Дед кен денс“ (Dead Can Dance) со двата скопски концерти, што се одржаа на 23 и 24 мај во големата сала на Филхармонија.
Препорачано
Иако на почетокот се чинеше малку веројатно дека би можеле да ги видиме во Скопје, бидејќи со претходните турнеи ја заобиколуваа нашата држава, благодарение на „Таксират фестивал“ оваа исклучително специфична и уникатна група, сепак, по 42 години постоење, одржа два фантастични концерти.
Спецификата на групата произлегува од нивниот начин на музицирање, кој не може да се окарактеризира во одреден жанр, а од времето на нивните почетоци и соработката со издавачката куќа 4АД беа дефинирани како алтернативен арт-рок бенд со не многу широк круг на слушатели.
Сепак, уникатниот израз, фантастичните вокали на Лиза Џерард и Брендан Пери, како и вонвременската музика што ја создаваат ги издигна на ниво меѓу најквалитетните бендови на денешнината.
Зад себе имаат осум студиски и три албуми во живо, како и многу успешни светски кариери. Шест години по албумот „Анастасис (Anastasis)“, повторно се вратија на заедничкото творење во 2018 година со албумот „Дионис (Dionysus)“, и практично актуелната турнеја е промоција на тој албум. Но, на концертниот репертоар се наоѓаат сите нивни најпознати песни од речиси сите албуми.
Како верен фан на музиката на „Дед кен денс“, кој претходно проследил три нивни концерти (Будимпешта во 1996, Солун во 2012 и Белград во 2019 година), компаративниот заклучок по двата скопски концерти е дека групата со текот на времето добива димензии што излегуваат надвор од нашите време и простор, а нивната изведувачка енергија добива заумни карактеристики кои допираат длабоко во душата на слушателот.
Концертите на „Дед кен денс“ во Скопје ќе останат запаметени по перфектниот звук (како на лента), неверојатно искрениот и чист однос кон публиката и вонвременските пораки што ги носи нивната музика.
Во историска смисла нивното доаѓање во Скопје ги стави на вечната листа на врвни музички и уметнички имиња што досега биле тука, како Лори Андерсон, Пети Смит, Дејвид Силвијан, Дејвид Брн и групи како „Таксидомун“, „Резидентс“, „Масив атак“, „Крафтверк“.
Фотографии: Татјана Ранташа
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)