
Скопје „тапка“ во место, нема нови велосипедски патеки, а постоечките се оштетени и небезбедни
Велосипедистите се жалат дека изградбата на соодветната инфраструктура за нивните потреби е запрена и, како што велат, од град што не толку одамна тргна да стане велоград и од град што нижеше километри велосипедскa инфраструктура, станавме град во кој во официјалните градски соопштенија веќе нема такви вести.
Нови велосипедски патеки, нови паркинг-места за велосипеди, систем за самоизнајмување велосипеди, 1000 бесплатни електрични велосипеди и тротинети годишно, меѓународна велосипедска трка – ова се само дел од ветувањата што актуелната градоначалничка Данела Арсовска ги зацрта во својата предизборна програма во рамките на стратегискиот проект „Скопје – град на велосипеди“.
Препорачано
Четири години подоцна од овие ветувања скопјани не видоа ништо, а и онаму каде што се изведени велосипедски патеки, како дел од коловозот издвоен со столпчиња, во голем дел столпчињата се искршени, а на патеките се паркираат автомобили.
Предвидуваме нови велосипедски патеки од Бутел преку Чаир до Центар, од Гази Баба до Центар, од Драчево преку Кисела Вода кон Центар и од Даме Груев кон Ѓорче Петров. Не смее да има булевар во Скопје без велосипедска патека. Потребен ни е развој на велосипедската мрежа и од приградските населби кон центарот на Скопје – Сарај, Волково, Радишани, Бутел, Стајковци, Драчево, Сопиште, Водно и други – пишува во програмата „За модерно Скопје“.

Сега, од Град Скопје нема одговор на прашањето колку велосипедски патеки се изградени во мандатот на градоначалничката Арсовска.
Нејзиниот претходник Петре Шилегов на крајот од неговиот мандат се пофали дека вкупната должина на патеките во главниот град изнесува 115 километри.
Ако до неодамна Скопје имаше 50-ина километри патеки, лоцирани на кејот на Вардар и на најшироките булевари (Партизанска, Илинденска, Јане Сандански и Александар Македонски), сега градот има поврзани велопатеки од Ѓорче Петров до Пинтија и Маџари. Со пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, велосипедската мрежа изби до самата обиколница – рече тогаш Шилегов.

И според велосипедистите, изградбата на соодветната инфраструктура за нивните потреби е запрена и, како што велат, од град што не толку одамна тргна да стане велоград и од град што нижеше километри велосипедскa инфраструктура, станавме град во кој во официјалните градски соопштенија веќе нема такви вести.
Ако излезевте од дома пред 10 или 5 години, ќе се израдувавте на новооформени јавни простори, на коридори ослободени за пешаци и велосипедисти, на нови велосипедски патеки кои, иако скромни, најавуваа поинаква, поубава иднина за Скопје. Ако излезете од дома денес, ќе видите дека изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Она што се подобрило пред 10 или 5 години, таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај можете да поминете. Тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази – тврдат од „На точак“ додавајќи дека состојбата со безбедноста на пешаците и велосипедистите е иста, речиси и влошена, а можеше да биде подобрена.
Оттаму велат дека во Скопје е во пораст автоцентричноста и дека автомобилите ги има и по тротоарите и по велосипедските патеки, па дури и по парковите и по школските дворови. Притоа, јавниот превоз поради состојбата во која се наоѓа сѐ повеќе губи патници, проектот за БРТ остана во фиока, а Градот веќе четири години не понуди алтернатива за јавниот превоз.

Според нив, на Скопје му треба целосно реобмислување на сообраќајниот систем, меѓу другото, со развиен јавен превоз со специјални ленти, со нови ослободени тротоари и нови изградени велосипедски патеки, со градски систем за изнајмување велосипеди, со визија за нула жртви во сообраќајот. Тие ги повикуваат идните градоначалниците да го искористат најдобро мандатот и да остават позитивен белег во градот.
Оценувајќи дека состојбата е критична, велосипедистите од групата „На точак“ ги повикуваат скопјани в среда, во 17.30 часот на плоштад „Македонија“ заедно да ја возат 91-вата критична маса со порака „Ало 091, критично е!“
Оштетените патеки, урбаната опрема поставена без почитување правила (контејнери, билборди, орманчиња), недоволната широчина на слободниот простор, непрописно паркираните возила, необезбедени патеки од градежни работи, несоодветни паркинзи за велосипеди, се секојдневна закана за безбедноста на велосипедистите и велосипедите. Велосипедистите не се второкласни граѓани. Вака не се гради безбеден, одржлив и праведен град. Бараме итна реакција од надлежните и системски промени! – велат велосипедистите.