
Скопјани се будат со мирис на изгорени автомобили – 33 намерни палења за осум месеци, повеќето случаи поминуваат така
Годинава полицијата документирала 54 намерни опожарувања на возила низ целата земја, најмногу во Скопје и во Битола.
Серија вознемирувачки настани го тресат Скопје последниве недели – ноќе се случуваат инциденти со запалени автомобили, пожарникарски сирени одекнуваат низ населбите, а загрижените граѓани се прашуваат дали нивното возило ќе биде следната цел.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Само во август се регистрирани повеќе сериозни случаи. На 27 август, во населбата Капиштец, околу 2 часот по полноќ, беа опожарени четири возила. Неколку дена претходно, во Центар на булеварот Кочо Рацин се запали автомобил паркиран пред зграда, а огнот се прошири и на џип. Во јули, пак, во Аеродром, на улицата Бојмија гореа три автомобили, од кои еден со хрватски регистарски таблички. Во вторникот, на 9 септември, беше беше запален и автомобилот на Ѓорѓи Галетановски — Чомбе, претседател на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на скопската Зоолошка градина.
ВИДЕО | Експлозија и „пепел“ – запален автомобилот на Ѓорги Галетановски – Чомбе
Сценариото е речиси секогаш исто: во глува ноќ, непознат сторител пали едно возило, пламенот бргу се проширува и зафаќа соседни автомобили.
Најмногу случаи на опожарувања во Скопје, 54 намерни опожарувања низ земјата
Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврдува дека ваквите инциденти не се изолирани.
„Во периодот од 01 јануари 2025 година до 29 август 2025 година евидентирани се 54 настани каде што постојат индиции дека намерно се опожарени моторни возила, кои бележат намалување во споредба со истиот период минатата година, кога се регистрирани 67 настани на територија на државата. Најмногу настани се на подрачје на Скопје и на местата кои ги покрива СВР Скопје — 33, потоа следи подрачјето на Битола — пет случаи“, велат од МВР.
Од Министерството додадаваат дека се поднесени четири кривични пријави против пет сторители во 2025 година (СВР Скопје, СВР Велес, СВР Охрид и СВР Штип), додека, пак, во 2024 година четворица добиле кривични пријави (по две од СВР Скопје и од СВР Велес).
Според овие податоци, најголемиот дел од намерните опожарувања на автомобили остануваат нерасчистени – од 54 случаи во 2025 година, кривични пријави се поднесени само за четири инциденти со петмина осомничени. Слична е состојбата и минатата година, кога од 67 настани, пријави добиле само шест лица.
Од играчка – плачка
Граѓаните сведочат дека понекогаш во игра се и „шеги“ што можат да завршат трагично.
Владимир од Скопје за „Слободен печат“ вели дека видел деца кои испуштаат плин и се обидуваат да запалат автомобил.
— Проблем е бидејќи може да се запалат повеќе возила, што е огромна штета. Има семејства кои едвај купиле автомобил, а да изгори – тоа е штета од 1.000 евра и повеќе. Возилото за многумина е единствено средство за работа и секојдневен живот. Не е ова шега, пожарот може да се прошири и да настане трагедија — предупредува тој.
Александар, жител на Центар, додава:
— Кога ќе слушнеш во три наутро дека гори кола пред зградата, не е важно чија е, сите сме загрозени. Пламенот може да се прошири и на становите. Стравот што го чувствуваме не може да се игнорира — предупредува тој.
Секој си има свои бубачки во главата
Експертите предупредуваат дека мотивите за вакви дела можат да бидат различни. Во дел од случаите станува збор за класични пресметки – одмазда, уцена или заканување. Но, психолозите потсетуваат и на феноменот пироманија – ментално нарушување при кое поединци чувствуваат неконтролирана потреба да предизвикуваат пожари.
Пироманијата претставува нарушување на контролата на импулсите, каде што лицето не може да одолее на поривот да запали оган. Иако се свесни дека пожарите предизвикуваат штета, за пироманите палењето претставува единствен начин да ја намалат внатрешната напнатост, анксиозност или возбуда. По чинот, тие доживуваат чувство на задоволство или олеснување, наведува Вебмед.
Серијата опожарувања на автомобили во Скопје и во земјата отвора прашање дали станува збор за психолошки нарушувања, за намерно потпалување со цел притисок или одмазда, како и колкав дел од случаите се должат на вакви мотиви. Без разлика на причините, проблемот е сериозен и не смее да се потцени – покрај материјалната штета, секој ваков пожар носи ризик по јавната безбедност и човечките животи.
МВР уверува дека презема мерки за расчистување на случаите, но скопјани, а општо и другите жители на градовите, очекуваат појасни одговори и конкретни резултати бидејќи ноќите, исполнети со мирис на чад и пламен под прозорците, не смеат да станат новото секојдневие на градот.