Сообраќај/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Скопјани под постојан стрес: Бучат градилишта, дувалки, локали, возила и тоа над дозволените децибели

На крстосницата кај Црвен крст, кај Соборен храм, на крстосницата кај плоштадот Јане Сандански, на булевар Борис Трајковски, кај поликлиниката Букурешт, во Автокоманда и на неколку други локации просечната дневна бучава во изминатите години е над дозволените вредности, а слична е состојбата и ноќе.

Скопани живеат во многу бучен град. Тие се жалат на постојано тропање и брмчење од градилиштата кои ги има во голем број низ градот, на вревата од сообраќајот, особено во летните денови кога мотори и автомобили со огромна брзина „летаат“ по булеварите, реагираат на гласната музика од кафулињата кои им се во непосредна близина на домовите. Се жалат и на силниот звук на дувалките за лисја што трае со часови.

 Замислете, моторите од Партизанска што прават ненормална бучава навечер, 3 часа континуирано да вртат во круг околу вашата зграда уште во 8 сабајле. Ќе издржите? Ова не е еден ден. Без најава, кога ќе им текне, си брчат, си дигаат прашина, никому ништо. Прашината и ѓубрето што не ги чистат по улиците и парковите, ги дуваат директно во нашите домови. Теророт на дувалките почнува уште наутро. Не се работи, не се живее, не се дише – коментира жител на Карпош на социјалните мрежи во врска со бучавата од дувалките.

Реакциите на граѓаните се постојани, тие бараат полицијата да биде присутна на булеварите за да го спречи дивеењето на моторџиите и возачите во ноќните часови, но и инспекциите да реагираат за гласната музика.

Сообраќај/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Засега решение нема. Одвреме навреме општинските инспекции по пријава на граѓани излегуваат на терен, мерат бучава во угостителски објекти и доколку ја надминува, изрекуваат глоби, па дури и привремено ги затвораат локалите. А потоа сѐ по старо.

Долготрајна изложеност на постојани или високи нивоа на бучава има негативни влијанија врз здравјето на луѓето. Студии направени од страна на Институтот за јавно здравје покажуваат дека најчесто како последица на зголемено ниво на бучава кај населението се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност, оштетување на слухот, висок крвен притисок, кардиоваскуларни проблеми и влијание врз психофизичката состојба.

Сообраќај/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Според Светската здравствена организација бучавата од сообраќајот претставува втор најштетен фактор на стрес, веднаш после загадувањето на воздухот. Тоа значи дека скопјани живеат под постојан стрес и дека е загрозено нивното здравје затоа што во главниот град има сериозен проблем и со прекумерната бучава и со загадувањето на воздухот, кое е најголемо во зимските месеци кога Скопје редовно е меѓу најзагадените градови во светот.

Ниту за едниот ниту за другиот проблем нема решение. Бучавата од сообраќајот, на пример, не може да се намали затоа што бројот на автомобили во Скопје секоја година е сѐ поголем.

Центарот за јавно здравје во Скопје врши двапати годишно мерења на нивото на комунална бучава на повеќе мерни места. Во Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животната средина се дефинирани граничните вредности на дозволена бучава во животната средина предизвикана од различни извори. Според препораките на Светската здравствена организација интензитетот на бучава преку ден не треба да ја надмине вредноста од 53 децибели, а преку ноќ 45 децибели.

ЈСП
Градски автобуси на ЈСП / Фото: Драган Митрески

Државниот завод за статистика објави Статистика за животната средина каде е опфатен периодот од 2020 до 2022 година и мерењата извршени на повеќе локации во Скопје, кои покажуваат дека просечната дневна бучава секаде ги надминува граничните вредности или е на горната граница. Така на пример на крстосницата кај Црвен крст, кај Соборен храм, на крстосницата кај плоштадот Јане Сандански, на булевар Борис Трајковски, кај поликлиниката Букурешт, во Автокоманда и на неколку други локации просечната дневна бучава во однос на опфатените три години е 60 децибели. Слична е состојбата и со бучавата преку ноќ.

Во Статистиката покрај Скопје, се разгледувани и Куманово, Битола и Кичево.

Според препорачаната цел на Светската здравствена организација, интензитетот на бучавата преку ноќта не треба да ја надмине вредноста од 45 dB, така што може да се заклучи дека овој процент е многу мал и изнесува 5.1 %, вкупно, за мерењата во анализираните градови и укажува на тоа дека мерењата на интензитетот на бучавата што ја надминува вредноста од 45 dB е доста висок и изнесува 94.9 %. Главни причинители на бучавата во животната средина во овој период се превозните средства во патниот сообраќај и угостителските објекти – е наведено во документот на ДЗС.

Градилиште – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Што треба да се преземе?

 

На Министерството за животна средина на располагање му се повеќе мерки и активностите кои треба да се преземат за намалување на бучавата во градовите, меѓу кои и во Скопје.

Меѓу другото тоа е да се донесат сите подзаконски акти кои произлегуваат од одредбите на Законот за бучава во животната средина, да се обезбеди максимална имплементација на одредбите од важечката регулатива во областа на бучавата во животната средина, потоа Министерството и агломерациите задолжени за изработка на стратешки карти да започнат со процес на подготовка на картите во најкус можен рок.

Се препорачува и при поднесување барање за одобрение за градба да се исполнат посебните услови и мерки во врска со стандардите за заштита од бучава при градби, потоа, да се зачуваат мирни зони, да се воспостави државен мониторинг на бучава, кој претставува систематизирано мерење, следење и контрола на состојбите на бучавата во медиумите и областите на животната средина.

Една од активностите е и изработка на катастар на создавачи на бучава во животната средина, но и модернизација на инсталациите со санација на постојните и воведување нови решенија по однос на намалување на бучавата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот