
Скопјани на мака: Возачи пушат, зборуваат на мобилен и не застануваат на секоја автобуска станица
Денеска се обидовме да добиеме одговори од ЈСП за непримерното однесување на некои возачи на автобуси, но како и вообичаено, добивме – молк. Оттаму не одговорија ниту каде треба граѓаните да го пријават ваквото неодговорно однесување.
Граѓаните што секојдневно користат автобус за да стигнат и да се вратат од работа или за да завршат некоја друга обврска низ градот, во изминативе неколку години се изнамачија со јавниот превоз. Мрзнеа по автобуските станици затоа што автобуси имаше премалку за да ги задоволат потребите на скопјани во услови кога шест месеци немаше договор за во градскиот превоз да се вклучат и приватните превозници. Па и со нив потоа недостигаа автобуси. И сега е недоволен бројот на возила, а и тие што сообраќаат, со исклучок на 30-тина, не се во добра возна состојба, па честопати им се случува дефект по скопските улици.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На сето ова, патниците си имаат проблеми и со некои од возачите на автобусите. Тие се жалат дека голем број од нив зборуваат на мобилен додека возат, дека некои пушат во кабините, а наместо да застанат на обележаниот дел на автобуската постојка, ја одминуваат и го запираат возилото десетици метри понатаму, па граѓаните се принудени да трчаат за да не го испуштат автобусот.
Навистина не ми е јасно зошто го прават тоа. За да нè понижат комплетно? Ем не ни нудат нормална услуга каква што треба да се понуди во нешто што се нарекува јавен градски превоз, ем нè малтретираат. Автобусите се крнтии, нечисти, крцкаат, се клатат, во дел од нив не се отвораат прозорци или не се пушта клима. Дел од шоферите возат како да сме „вреќи со компири“, тргни-застани, како првпат да фатиле волан – вели скопјанка што градски превоз користи со години.
Под проѕирните настрешници на станиците, автобус на плус 40 се чека како под вршник
Како што објаснува таа, најнов „изум“ им е да не застануваат на постојка ако оценат дека таму чекаат повеќе патници.
Деновиве, на пример, кога се возев од Аеродром накај Центар, шоферот рече кој има намера да се симне од автобус кај Зелен пазар да се симне една станица претходно, немало да застанува кај пазарче оти таму имало многу гужва. Какво е тоа самоволие, не ми е јасно – прашува нашата соговорничка.
Вчера, екипа на „Слободен печат“ беше случаен сведок на слична ситуација иако автобусот на линијата 24 беше полупразен. Возачот, веројатно сметајќи дека никој не планира да се симне од автобус на постојката спроти Порта Буњаковец, продолжи да си вози. Откако една патничка му рече да застане и да ја отвори вратата, тој дрско и довикна: „На секоја врата на држачите има ѕвонче, ѕвони ако сакаш да се симнеш!“

Денеска се обидовме да добиеме одговори од ЈСП за непримерното однесување на некои возачи. Прашавме дали возачот треба да застане на секоја автобуска станица на линијата што ја вози или патниците сами треба да ѕвонат на држачите за да го запре автобусот и да им отвори врата за да се симнат, потоа дали е дозволено шоферот по своја процена да не запира на станица каде што очекува дека треба да се качат поголем број патници, но и дали на возачите им е дозволено да пушат или да зборуваат на мобилен телефон додека управуваат со возилото. Како и вообичаено, одговор од ЈСП не добивме. Оттаму не одговорија ниту каде треба граѓаните да го пријават секое неодговорно однесување на оние што треба безбедно да превезуваат патници.
Во Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, донесена уште во 2015 година од Советот на Град Скопје, точно е прецизирано која е обврската на оние кои управуваат со автобусите.
Возачот е должен возилото да го запира на сите стојалишта според регистрираниот возен ред и по запирањето да ги отвори вратите заради влегување или излегување на патниците, возилото да го запира на обележаниот простор на стојалишта, при што доколку неговото возило е прво, да застане на почетната линија на стојалиштето, да дозволи влегување и излегување на патниците само на обележаниот дел на автобуското стојалиште – се наведува, меѓу другото, во член 86 од оваа Одлука.
ЈСП доби уште 150 милиони денари субвенции за вработените да се „мирни“ до крај на годината
Во членот 89, пак, прецизно е наведено дека службените лица, се мисли на возачите и на контролорите, за време на превозот се должни да се однесуваат коректно, културно кон патниците, не смеат да разговараат со патниците освен да им даваат неопходни информации во врска со превозот, не смеат да пушат во возилото, да се под дејство на алкохол, дрога или друго опојно средство.
Очигледно ЈСП не ги почитува одлуките на институцијата што го основала ова претпријатие и која издвојува огромни пари од буџетот за да го субвенционира неговото работење.
А ако не ја почитува нивната одлука, како може да се очекува дека ќе ги почитува граѓаните, кои патем исто така, редовно си плаќаат за превозот.