
Скенирањето како национален спорт- повеќе од 50 отсто од граѓаните успеваат да добијат по 2.100 поврат на ДДВ
Според анализата, од вкупната бројка корисници на „Мој ДДВ“ – 279.825 граѓани го оствариле максималниот износ на поврат на ДДВ во износ од 2.100 денари. 86.867 корисници оствариле поврат од 1.500 до 2.099 денари, 92.891 имале поврат од 500 до 1.500 денари, а 27.409 корисници на апликацијата оствариле поврат во износ под 500 денари – велат од УЈП
Безмалку половина милиони македонски граѓани скенираат фискални сметки, а од нив 57,5 отсто успеале да стасаат до максималниот износ за поврат на ДДВ од 2.100 денари. Овие податоци покажуваат дека значителен број граѓани ја користат активно апликацијата „Мој ДДВ“ и остваруваат поврат на дел од изразениот данок на додадена вредност во фискалните сметки, посочуваат од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“.
Препорачано
Граѓаните најмногу скенираат сметки кога купуваат гориво, храна и други производи од сите маркети, но и од бутиците, аптеките и од продавниците за бела техника. За потсетување, граѓаните не може да сметаат на фискалните сметки за точење гориво за потребите на автомобилите во сопственост на компании, бидејќи ова е строго забрането и казниво со закон. Сметководителите објаснуваат дека фискалните сметки издадени за компанија се прикачуваат на сметкопотврда и понатаму се книжат, па многу лесно инспекторите можат да откријат доколку некој граѓанин ги искористил фискалните сметки на компанијата и за сопствените потреби.
– Ве информираме дека според евиденцијата за последниот втор квартал, вкупно 486.992 физички лица, корисници на апликација, исполниле услов за поврат на дел од изразениот ДДВ во скенираните фискални сметки. Според анализата, од вкупната бројка корисници на „Мој ДДВ“ – 279.825 граѓани го оствариле максималниот износ на поврат на ДДВ во износ од 2.100 денари. 86.867 корисници оствариле поврат од 1.500 до 2.099 денари, 92.891 имале поврат од 500 до 1.500 денари, а 27.409 корисници на апликацијата оствариле поврат во износ под 500 денари – велат од УЈП.
Според пресметките за остварување на кварталниот лимит 2.100 денари, во текот на три месеци во трговијата треба да се потрошат 210 илјади денари. Но, многу е важно дали се купуваат производи од домашно или од странско потекло, храна или друга стока. За облеката и акцизните стоки се пресметува ДДВ од 18 отсто, додека за речиси сите други производи стапката е 10. Храната има најниска стапка, односно повластени 5 отсто.
Дел од граѓаните велат дека немаат проблем да стасаат до максималниот износ за поврат од 2.100 денари, но добар дел велат дека претходно треба да потрошиш многу пари. Поради тоа се снаоѓаат за да соберат повеќе фискални сметки и да го достигнат законскиот праг, собирајќи фискални сметки од роднини, пријатели. Не се малку и оние што ги прибираат неземените сметки од касите во маркетите. На социјалните мрежи има и такви објави за продажба на фискални сметки. Од УЈП во неколку наврати посочија дека на овој начин вршат злоупотреба на системот, бидејќи целта е да се издадат повеќе фискални сметки за повисока наплата на данок и повеќе пари во Буџетот. УЈП веќе има воспоставено механизми за откривање нерегуларности при користење на „Мој ДДВ“, а според Кривичниот законик, обид за измама на државен систем може да повлече и кривична одговорност.
Од 2023 година максималниот износ од 1.800 се зголеми на 2.100 денари
Од 2023 година повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ) од фискалните сметки од 1.800 се зголеми на 2.100 денари. Право на поврат на ДДВ има секој граѓанин со навршени 15 години, кој поседува валиден документ за идентификација издаден од надлежен орган на РСМ (лична карта или патна исправа), се јавува како регистриран корисник на системот за електронска пресметка за приход и данок (е-персонален данок) на УЈП и поседува трансакциска сметка кај носител на платен промет во РСМ.
Правото на враќање на ДДВ се остварува за секое календарско тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.
Лани во февруари, тогашниот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски најави дека износот на повратот за „Мој ДДВ“ ќе се зголеми на 3.000 денари. Тој тогаш се пофали дека преку проектот „Мој ДДВ“ како еден од најуспешните, за нешто повеќе од четири години на сметките на граѓаните се слеале повеќе од 130 милиони евра, а освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка имала и позитивен ефект во намалувањето на сивата економија.