
Скапо чини оставањето возило на „пет минути“ на недозволено место
Граѓаните постојано реагираат на сообраќајната некултура на дел од своите сограѓани и бараат ред и казни за оние што ги блокираат тротоарите и велосипедските патеки.
Иако стотици граѓани на неделно ниво добиваат казни за непрописно паркирање, возилата им се отстрануваат со пајак или тркалата на автомобилите се заробуваат со „канџи“, сепак скопјани тешко се откажуваат од лошите навики да ги оставаат возилата каде ќе стигнат за да избегнат плаќање за паркирање.
Препорачано
Па, така, по скопските улици можат да се видат мноштво погрешно паркирани автомобили. Тие узурпираат тротоари и велосипедски патеки, се протнуваат помеѓу заштитните столпчиња за да паркираат, а неретко, оние пластичните ги туркаат со автомобилот во потрага по бесплатно место за паркирање. Паркираат и на тревни површини за возилото да им биде под сенка, па дури и на зонските паркиралишта ја оставаат колата на „пет минути“ во надеж дека ќе се спасат од плаќање за паркирање.
Фотографии од вакви ситуации по социјалните мрежи можат да се најдат многу проследени со погрдни коментари за недозволеното однесување на некои граѓани.
Не разбирам зошто не си се паркира како човек и да плати за паркирање наместо да блокира тротоар, па луѓето да мора да се симнуваат на улица за да поминат. Како имаат пари да возат толку скапи коли, а немаат 40-50 денари да платат за паркинг? – се вели во еден од коментарите.
Граѓаните постојано реагираат на сообраќајната некултура на дел од своите сограѓани и бараат ред и казни за оние што ги блокираат тротоарите и велосипедските патеки.
„Плачките“ на оние што неправилно паркираат и обвинувањата насочени кон полицијата и кон „пајаците“ на „Градски паркинг“ и на ПОЦ следуваат откако неправилно паркираното возило ќе им биде подигнато и однесено во депо и за тоа треба да платат казна, која не е за потценување, затоа што воопшто не се евтини „услугите“ на пајак-службите на овие две јавни претпријатија.
Колку заработуваат претпријатијата од несовесните граѓани, говори фактот што, на пример, „Градски паркинг“ минатата година ја завршил со приход од речиси 300 милиони денари, во најголем дел благодарение на наплатата за паркирање. Само Секторот „Пајак“ на ова претпријатие во 2024 година заработил околу 27,5 милиони денари, при што како што се вели во Извештајот за работата на ЈП „Градски паркинг“ за минатата година, биле третирани 15.758 возила.
Вредните скопски „пајаци“ лани подигнале над 18 илјади возила
Што се однесува до тоа колку се олеснува џебот на оној што погрешно паркирал, зависи од тоа каква „среќа“ имал, односно дали заработил блокатор на тркалото за што следува казна од 1.500 денари или автомобилот завршил во канџите на пајак – службите. Во вториот случај износите се разликуваат во зависност од тоа дали „пајакот“ започнал да го крева возилото или го кренал и го однел во депо, но и од тоа дали автомобилот бил паркиран на тротоар или на зелена површина.
„Подигнување и пренос на возило до Депо Пајак по налог на овластено лице – 2.500 денари. Подигнување возило од зелена површина – 3.500 денари. Подигнување непрописно паркирано возило по налог на овластено лице кога сопственикот на возилото се појавува на лице место и самостојно го отстранува – 1.500 денари“, е прецизирано во ценовникот на „Градски паркинг“.
Доколку возило е паркирано на површина што е во надлежност на ПОЦ, тогаш непрописното паркирање многу скапо ќе го чини оној што се решил на таков потег. Според ценовникот на ЈП ПОЦ „услугите“ на Пајак-службата се наплаќаат според повеќе категории. Така, на пример, подигање автомобил со тежина до 2.500 килограми и носење во депото на Пајак-службата чини 3.500 денари, а доколку станува збор за потешко возило, ќе треба да се плати 4.500 денари. Отпочнување на преместување на возило со вкупна маса до 2.500 килограми чини 2.000 денари, а за потешките се плажа 2.500 денари.
За подигање возило запрено или паркирано на означено паркинг-место за инвалиди и резервирано паркинг место казната е 6.000 денари, а доколку започне подигнувањето двојно помалку. Доколку возилото е подигнато од зелена површина, износот е 4.500 денари. Се плажа и за „престојот“ на возилото во Депо за секој изминат час по 60 денари.
Затоа, граѓаните што сметаат дека не е ништо страшно да се застане на тротоар или на велосипедска патека, наместо на паркинг наменет за тоа, подобро двапати да размислат отколку да сторат нешто такво. Затоа што, не само што високите казни ќе ги удрат по домашниот буџет, туку им пречат со своите постапки и на своите сограѓани и говорат за нивната сообраќајна некултура.