скандинавија карта принтскрин Јутјуб

Скандинавските држави се подготвуваат за најлошото сценарио: Овој град би можел да биде клучен

Ситуацијата во Украина е непредвидлива, затоа скандинавските  држави подготвуваат „тотална“ одбрана – пристап што ја мобилизира целата заедница.

Во Конгсберг, клучниот град на Норвешка во случај на војна, прашината е отстранета од атомските засолништа, инсталиран е нов систем за сателитска комуникација, а заедницата подготви план за соработка со војската.

Додека војната во Украина продолжува, западните претставници ја обвинуваат Русија за бројни саботажи и кибернапади, а поради неодамнешните изјави и непредвидливата политика на американскиот претседател Доналд Трамп, многумина се прашуваат дали Европа воопшто може да се потпре на САД.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе изјави за Асошиејтед прес (АП) дека настаните во Украина треба да ги разбудат  Скандинавците.

Финска војска / фото: EPA/ADAM WARZAWA POLAND OUT

„Мораме да ја зајакнеме одбраната за да спречиме да ни се случи нешто слично“, додаде тој.

Во мај, норвешката влада ја објави својата прва стратегија за национална безбедност, во која предупреди дека земјата се соочува со најсериозната безбедносна ситуација од Втората светска војна. „По една деценија мир, започна нова ера за Норвешка и Европа“, додаде таа.

 

 

НАТО вежби Норвешка/Фото МИА

Тотална одбрана: Кога целото општество е мобилизирано

Владите на нордиските земји ги зголемуваат трошоците за одбрана, спроведуваат нови безбедносни проценки и го промовираат концептот на тотална одбрана. Тоа е пристап што го мобилизира целото општество за одбрана од воени и невоени закани.

Во јануари, Норвешка објави дека за прв пат од 1998 година, ќе ги обнови нуклеарните засолништа во нови згради. Во 2022 година, кратко по руската инвазија на Украина, шведската влада го назначи првиот министер за цивилна заштита. Во случај на војна или закана од војна, ќе бидат повикани  граѓани на возраст меѓу 16 и 70 години, кои ќе мора да учествуваат во војската или да помогнат во спасување, гаснење пожари, здравствена заштита или на други начини.

Во меѓувреме, сите нордиски земји ѝ завидуваат на Финска, која има толку многу засолништа што може да смести 86 проценти од целото население. Едно од јавните засолништа во Хелсинки може да смести дури 6.000 луѓе, а е дизајнирано да издржи последици од нуклеарен напад.

Покрај тоа, во неколку нордиски земји властите му препорачаа на  населението да подготвуваат храна и вода за најмалку седум дена.

Конгсберг Норвешка EPA-EFE/TERJE PEDERSEN NORWAY OUT

Конгсберг: Град кој може да биде клучен во случај на војна

Норвешките власти не очекуваат непосреден конфликт, но градот Конгсберг би можел да игра клучна улога во случај на војна во Северна Европа, пишува АП.

Се наоѓа на околу 85 километри југозападно од норвешката престолнина Осло и има 27.000 жители. Иако на прв поглед не изгледа посебно, експертите многу добро знаат колку е важно. Таму е со седиште „Конгсберг Груп“, која произведува прецизно оружје што во моментов се користи во Украина.

Во 2024 година, компанијата отвори нова фабрика и го зголеми производството на напредни ракети што ги користат неколку европски земји.

Во случај на конфликт, градот би можел да биде домаќин и на сојузници. Во мај, локалните власти се состанаа со војската и подготвија логистички планови за поддршка на западните војници.

„Доколку сојузниците дојдат во Норвешка, ќе имаме важна задача да осигуриме дека заедницата ги поддржува“, објасни Од Џон Ресер, службеник за планирање вонредни ситуации на Конгсберг. Тој додаде дека општината се подготвува и за други, поверојатни закани како што се екстремни временски настани, пандемии или прекини на електричната енергија, како оној што ги парализираше Шпанија и Португалија во април.

Финска војска/ Фото EPA/VALDA KALNINA

„Од Украина научивме дека целата заедница мора да учествува“

Норвепките официјални претставници  нагласуваат  дека главната лекција од Украина е дека целата заедница е вклучена и сите учествуваат. На пример, пиварниците се префрлија на производство на молотови коктели, локалните власти изградија училишта во засолништа, а фабриките за оружје го зголемија производството.

Потребата за подобра подготвеност беше забележана уште за време на поплавите во 2007 година и четиридневната вежба за затемнување во 2016 година. Беа купени резервни генератори за градското собрание, здравствените установи и домовите за стари лица, а беше воспоставена и сателитска врска за да може да се повика помош. Во случај на кибернапад, локалните здравствени власти печатат и складираат клучни податоци за пациентите еднаш неделно.

Не знаејќи што би значел изборот на Трамп за Норвешка, тие се одлучија за норвешки давател на сателитски телефонски услуги наместо за американски конкурент, сакајќи да обезбедат национална контрола во итни ситуации.

Данска војска EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

,,Мораме да бидеме подготвени“

Марта Тернбул, директорка на Европскиот центар за извонредност за борба против хибридни закани во Хелсинки, Финска, нагласи дека нордиските земји сакаат првенствено да ги зајакнат локалните заедници. Во криза, шишињата со вода нема да ги дели армијата, туку локалната заедница. Цивилната заштита мора да функционира, вели таа.

Метју Редхед, експерт за национална безбедност од Кралскиот заеднички институт за одбранбени студии во Лондон, предупредува дека заканите треба да се сфатат сериозно во остатокот од Европа, бидејќи заканата од Москва може да стигне „многу подалеку“ од соседните земји.

Тој истакна дека обичните луѓе и локалните власти се помалку подготвени за кризата токму затоа што „мислиме дека нема да бидеме на првата линија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот