
Скандалозен нон-пејпер за „бугаризирање“ на Македонците
Бурни негативни реакции предизвика новиот нон-пејпер за решавање на македонско-бугарскиот спор што вчера го објави ТВ Клан, за кој од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски рекоа дека не добиле таков документ, а Владата не беше толку категорична дека неговото постоење е лага. По многубројните коментари за скандалозните предлози во наводниот нон-пејпер што се на штета на македонските национални интереси и македонскиот идентитет, од СДСМ денеска обвинија дека тој „очигледно настанал во штабот на ВМРО-ДПМНЕ за да може Апасиев да шири лажни вести по социјалните мрежи“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Секогаш кога се наближува изборно соочување со граѓаните, се зголемува интензитетот на лажни вести, конструкции и измислици од опозицијата. Водењето држава и општини е посложено од пишување статуси на Фејсбук“, реагираше владејачката партија.
Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека од Софија не е пристигнат никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никакви преговори за надминување на прашањето со Бугарија. Оттаму додаваат дека ставот на претседателот во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет и за тоа досега ниту се преговарало ниту ќе се преговара во иднина.
Од Владата во врска со тоа дали во оптек е нов нон-пејпер, се изјаснија дека „во разговорите со Бугарија официјален е предлогот што е претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ и тој предлог овозможува решенија што се прифатливи за сите страни“.
– Република Северна Македонија останува посветена во процесот, со цел да се надминат разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија, за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата што предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ – се вели во одговорот од Владата.
ТВ Клан го објави т.н. нон-пејпер без да наведе извор, со информација дека со содржината се запознаени и Скопје и Софија, како и поважните земји членки на Унијата. Документот содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот.
„На Бугарија ќе ѝ се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација-држава, при што ќе ѝ се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок, и со тоа Бугарија ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе ѝ се загрози долгорочната стабилност и безбедност“, се вели во документот.
Во Македонија, пак, според нон-пејперот, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот „наратив“. Се предлага Бугарите да се внесат во Уставот, а здруженијата на Бугарите да добијат заштита и посебна грижа од државата за да негуваат, да промовираат и да изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им биде уставно загарантирано. Се додава и дека „мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ, ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја“.
„Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичката вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе ѝ се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети“, се наведува во нон-пејперот.
Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.