Сите прсти вперени кон Љупчо Палевски како егзекутор

Во завршните зборови на судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, тројцата обвинети Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски негираа дека ги извршиле. Дел од нив признаа соучесништво во грабнување, но негираа дека првичниот план бил егзекуција. Адвокатот на обвинетиот Велибор Манев, Горан Бошевски, во завршните зборови побара судот да го ослободи неговиот клиент од обвиненијата за убиствата, а да биде казнет само за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Тој остана на тврдењето дека со Боре Видевски мислеле оти киднапираат возрасна жена од влезот која Палевски ја следел, но дознале дека се работи за дете зашто кога ја отвориле вреќата за спиење виделе ранец.

-Соизвршител за убиство може да биде само некој кој се договорил дека ќе бидат убиени лица, рече адвокатот на Велибор Манев додавајќи дека Манев заедно со Боре барале од Палевски да го ослободи девојчето откако виделе дека е дете, но Палевски ја фотографирал, ја распрашувал кои ѝ се мајка и татко, па преку перниче ја застрелал.

Адвокатот на каратистот Боре Видевски, Бојан Манев, денеска во судот побара ослободителна пресуда за неговиот клиент, бидејќи, како што рече, тој бил жртва на „монтировка“ и не ни бил со групата кога киднапирале и убивале.

Според него истрагата била површна а обвинението се темелело на изнудено признание и исказ од Велибор Манев, без да има ДНК траги од Боре Видевски на убиениот Панче Жежовски. Адвокатот на Видевски вели дека единствената поврзаност на Боре со групата било членството во политичката партија „Десна“. И за убиството на Вања Ѓорчевска, во завршниот збор адвокатот на Боре Видевски рече дека се случило без никакво учество на неговиот клиент.

-Обвинителството се обидува да го инволвира, а како доказ го има само изнуденото признание од тепање на полицијата. Анализирајќи ги доказите се доаѓа до заклучок дека Обвинителството нема никаков доказ за Боре во ова убиство. Единствено има ДНК трага на пластична чаша во „рено кангу“, но Боре самиот кажа дека најмалку 30 пати го возел тоа возило, кое се користело за потребите на партијата и не е чудно во него да биде пронајдена негова ДНК трага. На снимките од Сејф сити и на останатите снимки од движењето на возилата по грабнувањето на Вања не се гледа ликот на Боре. За ден 27 ноември тој има земено слободен ден од работа поради партиски цели. Вечерта на 26 ноември бил на состанок, а на 27 ноември претпладне заедно со Манев заминале за Велес – рече бранителот Манев и праша зошто Обвинителството не го проверило движењето на возилото на Манев за време на критичните настани.

Адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, Игор Ефремов, во завршните зборови го нарече својот клиент заложник и жртва во корист на искористување туѓи идеи и интереси. Побара ослободување на Кешишев од оговорност за убиствата а евентуалната вина, доколку се утврди, да се квалификува исклучиво во рамки на учество во кривично дело грабнување.

Би сакал да му укажам на судот дека во текот на целата постапка, обвинетиот Кешишев беше ставен целосно на располагање на истражните органи и со неговиот особен придонес се водеше целата истражна постапка и сметаме дека со неговите искази во ОЈО Скопје помогна да ваквите грозоморни чинови добијат судска завршница. Особено бараме од судот да ги разгледа фактите непристрасно и правично и да ја разграничи вината каде што навистина постои, и да не му се припишат на обвинетиот Кешишев дела за кои нема докази дека го сторил ниту како извршител ниту како соизвршител, рече тој.

Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ образложуваше дека таткото на Вања е неправедно обвинет и побара ослободителна пресуда. Рече дека се надева дека судот нема да го осуди Ѓорчевски водејќи се од идните негови оштетни побарувања за тортурата што ја претрпел од страна на полицијата. Туфегџиќ вели дека за Ѓорчевски нема ниеден материјален доказ дека помагал на групата на Палевски.

-Конечно, според динамиката на настаните и доказите, таткото на детето воопшто не им бил потребен на обвинетите за да им даде упатства за времето кога детето ќе излезе сама од домот за да оди на училиште бидејќи според доказите кај обвинетите претходно веќе бил создаден план за грабнување а подоцна и за егзекуција на личноста, имале сознанија за станарите во зградата, ги превземале сите мерки и активности за реализација на планот, имале јасна поделба на трудот во рамките на заедничко делување заради извршување на криминалниот чин, еден месец пред грабнувањето донеле одлука истото да го извршат, ја следеле и фотографирале жртвата 10-на дена до две недели пред да го извршат грабнувањето, а утврдено е дека имале два неуспешни обиди за грабнување, на 23 ноември утрото и на 24 ноември утрото, како што вели Велибор Маневски, а нема зошто да не му се верува, рече Туфегџиќ.

Завршниот збор Љупчо Палевски ќе го даде в петок. Обвинителството бара доживотен затвор за четворицата обвинети, а за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски исто така осудителна пресуда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот