
ВИДЕО | Сите повредени во пожарот во Кочани што се пренесени во „Пирогов“ се во тежок термички шок
Во тешка состојба се повредените во пожарот во Кочани, кои што се пренесени на лекување во Бугарија. Меѓу нив, едно дете е на педијатриска интензивна нега, посочил директорот на болницата „Пирогов“ на брифинг со новинарите. Во текот на ноќта во „Пирогов“ биле примени 8 пациенти од кои тројца се деца под 18 години, а пет пациенти се на возраст меѓу 20 и 25 години. Најстариот пренесен пациент на лекување во Бугарија има 31 година. Директорот на болницата вели дека тие се донесени во состојба на тежок термички шок.
Препорачано
-Сите се во тешка состојба. Едно дете е на педијатриска интензивна нега. Сите останати се на интензивна нега на клиниката за изгореници и се во исклучително тешка состојба. Тројца од нив се интубирани, а за останатите се уште се прават проценки што да се прави. Повредите се изгореници на телото, горните екстремитети и лицето. Сите имаат изгореници со вдишување чад во горните и долните дишни патишта, што е многу сериозна состојба, изјави Валентин Димитров, директор на „Пирогов“, пренесе БНТ.
Тој објасни дека лекарите во моментов прават целосна проценка на состојбата на пациентите и додаде дека болницата е подготвена да прими уште пациенти доколку е потребно.
Роднините на настраданите во трагичниот настан во Кочани, кои се пренесени на лекување во Бугарија, информации за установата за лекување во која престојуваат нивните најблиски можат да добиваат 24/7 од дежурно лице во Министерството за здравство на Република Бугарија на телефонскиот број 02/ 8050 300.