Фото: Принтскрин/Pxhere

Сите луѓе со сини очи во светот се потомци на еден човек

Сината боја на очите е рецесивен ген што го наследуваме од нашите предци, а обидувајќи се да дојдат до изворот на тој ген, научниците заклучија дека тој потекнува од една личност – и дека сите синооки се потомци на таа иста личност, пренесува LADbible. 

Прво, кратко повторување на биологијата. Важно е да се знае дека наследуваме две верзии, т. н. алели, на секој ген – еден од едниот, другиот од другиот родител.

Во случај кога рецесивната особина ќе се појави кај личноста, како што е сината боја на очите, тоа значи дека и двата (рецесивни) алели биле присутни во генот.

Единствено на тој начин одредена рецесивна особина може да дојде до израз.

Тоа беше воведна лекција по биологија, а сега преминуваме на претходно споменатото необично научно откритие.

Сините очи се многу поретки од кафеавите, а „Heathline“ проценува дека меѓу осум и 10 отсто од светската популација има сини очи.

Сега, нивната реткост има смисла затоа што научниците открија дека генетската мутација потекнува од еден човек кој живеел пред помеѓу 6.000 и 10.000 години.

Истражувачите со години се обидуваат да откријат што ја предизвикало оваа промена со проучување на генот OCA2 кој го одредува нивото на кафеавиот пигмент во човечкото око.

Меѓутoа, се покажало дека генетската мутација што резултирала со сини очи потекнува од сосема поинаков ген наречен HERC2, кој целосно го исклучува OCA2 и ја „разредува“ кафеавата во сина боја.

А, од каде знаат дека сè е поврзано со заеднички предок?

Затоа што секоја синоока личност ја има истата мутација.

Иако се потребни многу повеќе истражувања, се смета дека мутацијата можеби се проширила кога луѓето мигрирале од Африка во Европа, што на некој начин би објаснило зошто се чини дека претежно луѓето од европско потекло имаат сини очи.

До откритието се дошло уште во 2008 година, кога истражувачки тим од Универзитетот во Копенхаген првпат влегол во трага на мутацијата.

Студијата, исто така, ги набљудувала варијациите на други поретки вообичаени бои на очите, како зелената, што дополнително ја потврдило идејата дека генот за сини очи потекнува од една личност.

Авторот на студијата, професор Ханс Ајберг од Одделот за клеточна и молекуларна медицина, рекол за „Science Daily“: „Луѓето кои имаат зелени очи може да се објаснат со фактот дека имаат намалена количина на меланин во ирисот, што е многу различно во споредба со оние со сини очи“.

„Од ова можеме да заклучиме дека сите синооки поединци се поврзани со ист предок. Сите го наследиле истиот прекинувач на сосема истото место во својата ДНК“, заклучил Ајберг.

И еве, синооките (засега) имаат заеднички предок, а зелените очи се резултат на намалениот меланин во нашиот ирис.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот