Сите граѓани се државотворни во Уставот, а Радев собира поени

Бугарскиот претседател на еврокомесарот Вархељи повторно му порача дека Македонија има обврска да ги вметне Бугарите во Уставот како државотворен народ, што македонските аналитичари го толкуваат како негов настап пред домашните граѓани, затоа што нашата обврска за уставна измена е многу конкретно дефинирана во билатералниот протокол со Софија, каде што не се споменува државотворен народ.

Содржината на уставните амандмани со кои Македонија ќе ја исполни својата обврска уште е непозната, иако македонскиот државен врв уверува дека уставната измена ќе се состои само со просто набројување делови од народи во Преамбулата, при што на местото каде што се споменати делови од албанскиот, српскиот, турскиот, ромскиот, влашкиот и бошњачкиот народ ќе се додадат и бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот и еврејскиот народ.

Од друга страна, бугарскиот државен врв, кој во недостиг на политичка влада во Софија е претставен од бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова, цела година повторува дека Македонија има обврска во Уставот да ги внесе Бугарите како државотворен народ. Последна таква изјава Радев даде вчера, по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи во Софија, кому му рекол дека е загрижен „поради недостигот на напредок за најважното прашање кое е и задолжителен услов за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ – промена на Уставот на РСМ и вклучување на Бугарите како составен дел на државотворните народи“.

Обврската за уставни измени за внес на Бугарите, според досегашните најави, ќе донесе промена на три места во Уставот – во Преамбулата, во амандманот 12 кој го уредува Комитетот за односи меѓу заедниците и во амандманот 36, кој уредува дека РС Македонија се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот, турскиот… народ и ги унапредува нивните врски со татковината. Дел од аналитичарите сметаат дека изјавите на Радев, слично како и на македонскиот државен врв, се дел од дневната политика и собирање на поени пред сопствените граѓани, а дел, пак, гледаат и опасност од нарушување на внатрешните меѓуетнички односи.

Толкувања според дневнополитички потреби

 

Аналитичарот Џелал Незири вели дека вметнувањето на етничките Бугари во Уставот нема да биде лесно, затоа што набројувањето на делови од други народи во Преамбулата би повлекло и промени во нормативниот дел, во делот кој го уредува Комитетот на односи меѓу заедниците, конкретно, со зголемувањето на бројот на членови во Комитетот, ќе се намали вредноста на гласовите на членовите Македонци и Албанци.

– Сега во Комитетот има 19 члена, од кои по седум члена се Македонци и Албанци од редот на пратениците, како и по еден од пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Ако некоја од заедниците нема пратеници, нивниот претставник го предлага Народниот правобранител. Вметнувањето на Бугарите и на другите заедници во Преамбулата значи дека и тие треба да имаат свои претставници, а тоа значи и свој глас во одлучувањето за прашања во надлежност на Комитетот. Со тоа ќе се намали вредноста на гласовите на членовите Македонците и Албанците, што на некој начин е нарушување и на Рамковниот договор. Сето ова значи дека институциите мора да најдат решение со кои Бугарите ќе бидат вметнати во Уставот, а тоа да не ја наруши воспоставената рамнотежа. Тоа треба да се направи внимателно, затоа што со решавањето на меѓудржавниот спор постои опасност од комплицирање на состојбите на внатрешен план – вели Незири за „Слободен печат“.

Според аналитичарот Петар Арсовски, властите и во Македонија и во Бугарија обврските на Скопје од билатералниот протокол си ги толкуваат според своите дневнополитички потреби.

– Македонскиот државен врв за измената на Уставот вели дека тоа не е ништо особено, а во Бугарија велат дека измените се во насока дека Бугарите се основоположници на македонската држава. Ниедно од двете не е точно. Ние во билатералниот протокол со Софија и во преговарачката рамка со Брисел имаме точно утврдена обврска што треба да смениме во Уставот. Ако ја гледаме Преамбулата на начин на кој зборува Радев, тогаш во неа ниеден народ не е споменат како државотворен, туку е наведено дека РС Македонија е држава на македонскиот народ, како и на делови од албанскиот народ, турскиот народ итн. Бугарите и другите треба да се вметнат секаде каде се споменуваат другите делови од народи, а тоа се уште две места. Според Уставот, сите граѓани со македонско државјанство кои живеат во Македонија се државотворни, така што овие изјави на Радев ги гледам само како настап пред нивната публика – вели Арсовски.

Во врска со тезите дека со зголемувањето на бројот на членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците ќе се наруши балансот, односно ќе се намали вредноста на гласовите на Македонците и на Албанците, тој вели дека така и треба.

– Тоа е во ред. Токму тоа е и поентата на тој Комитет, да не дојде до мајоризација, односно најголемите заедници да имаат монопол во одлучувањето – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Гир: Работите се движат напред

Државниот врв е со став дека кога ќе биде објавена содржината на уставните амандмани на сите ќе им стане јасно дека нема ништо проблематично во простото набројување уште неколку делови од народи и дека нема никаква „бугаризација“ на Македонија, како што тврди опозицијата. И шефот на државата Стево Пендаровски вчера повтори дека „внесувањето на помалите етнички заедници во Уставот, вклучително и на Бугарите, нема да ја загрози безбедноста на државата, ниту ќе ја разниша нашата внатрешна стабилност“.

Во билатералниот протокол, како мерка што треба да се исполни пред втората Меѓувладина конференција, е наведено: „Владата на РСМ се согласува следната конференција за комплетирање на отворање на преговорите за членство да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување“.

Радев, пак, на еврокомесарот Вархељи му рекол дека Македонија може да напредува кон ЕУ само со „гарантирана заштита на правата на Бугарите во земјата и на бугарското културно-историско наследство“. Тој му повторил и дека во Македонија имало „зголемена системска дискриминација, полициско, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, како и зголемени злосторства од омраза врз Бугарите“.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пак, на Вархељи му рекол дека Бугарија ја исполнила својата должност да ја поддржи европската перспектива на Македонија, а сега е време „нашите соседи да ги исполнат своите заложби за уставно гарантирање на правата на граѓаните со бугарска самосвест“.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Дејвид Гир оценува дека работите „се движат напред во однос на донесувањето на уставните измени“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!