Фото Фејсбук профил на Општина Штип
Фото Фејсбук профил на Општина Штип

Сите дронови што летаа над концертот на Дино Мерлин биле „на диво“ – не биле пријавени во Агенцијата за цивилно воздухопловство

Сите дронови што летаа над толпата во Штип вечерта на 20 септември кога во рамките на „Штипска пастрмајлијада“ концерт одржа Дино Мерлин, а од кои фотографии објавува Општина Штип на својата Фејсбук страница, биле „на диво“ и не биле пријавени во Агенцијата за цивилно воздухопловство на Македонија. Ова произлегува од одговорот што „Слободен печат“ го доби од оваа Агенција. Градоначалникот на Штип пак Иван Јорданов во телефонска изјава за „Слободен печат“ ни рече дека самиот изведувач Дино Мерлин имал своја агенција што го фотографирала настанот и сликите објавени на Фејсбук од страна на општината ги добиле од таа агенција.

-Изведувачот имаше негова агенција што фотографираше и сите фотографии ги добивме од него, рече Јорданов за „Слободен печат“.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство одговарајќи на новинарските прашања на „Слободен печат“ посочија дека од увидот во системот за најава на летови на https://drone.gov.mk/app/index.html утврдиле дека во периодот на одржување на концертот на Дино Мерлин во Штип не е најавен ниту еден лет со воздухоплов без екипаж. Во прилог на одговорот ни доставија и слика од операциите со воздухоплови без екипаж над Штип во наведениот период – дека не е пријавена ни една операција. Но, фотографии очигледно направени со дронови се објавени на страницата на општина Штип на Фејсбук.

Статистика на летови за време на концертот на Дино Мерлин во Штип/ Извор - Одговор на АЦВ за „Слободен печат“
Статистика на летови за време на концертот на Дино Мерлин во Штип/ Извор – Одговор на АЦВ за „Слободен печат“

Оператор со воздухоплови без екипаж можно е да е ангажиран од организаторот на концертот, затоа за подетални информации во врска со снимките снимени од дрон, можете да се обратите до организаторот на концертот, ни рекоа од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

На нашето прашање ако нема регистрација на дроновите, дали некој е казнет од АЦВ велат:

За да можеме да изречеме прекршочен платен налог или да покренеме прекршочна постапка, треба некој да пријави летање на дрон и при тоа да го знае името и презимето на далечинскиот пилот или да знае кој е операторот на дронот (правно или физичко лице). Доколку се утврди дека пријавата е основана, односно дека при летањето со дронот не се почитувани пропишаните услови за безбедно користење и вршење на летачки операции со воздухоплови без екипаж, системи на воздухоплови без екипаж и на воздухопловни модели (член 31 став (1)) од ЗВ, тогаш АЦВ ќе иницира прекршочна постапка. Согласно став 3 од член 144 од ЗВ „полициски службеници можат да легитимираат лица кои употребуваат воздухоплови без екипаж или крила за слободно летање во случаите каде се загрозени животот, личната безбедност и имотот на граѓаните. Во тој случај полициските службеници можат да вршат проверка на лицата и привремено да го одземат воздухопловот доколку истиот претставува закана за општата безбедност. За преземените службени дејства од страна на полициските службеници, Министерството за внатрешни работи ја известува Агенцијата.”, ни рекоа од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Непосредно откако Македонија се соочи со најголемата трагедија во поновата историја каде животот го загубија 62 лица во кочанската нелегална дискотека „Пулс“ и кога се одржа протест во Скопје поради револтот на граѓаните, новинарите на „Ројтерс“ и на „Тв 21“ завршија во станица зашто снимале со дрон над толпа.

Прекршувањето на правилата под изговор „не сме знаеле” е неприфатливо, рекоа тогаш од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) во соопштение по информациите дека во полиција биле повикани на разговор новинарски екипи поради немање соодветна дозвола за снимање со дрон на собирите на плоштадот во Скопје.

Тогаш министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше дека „законите мора да ги почитуваме сите и дронови не смее да летаат над толпа“.

– Еднаш треба да почнеме да ги почитуваме законите. Ако постои правило дека летање на дрон треба да се пријави до надлежен орган, тогаш тоа треба да се направи. Ако има европска легислатива, дека дрон не смее да лета над толпа, тогаш тој не смее да лета над топла. Или ќе ги почитуваме законите за секое дејствие за кое се пропишани или ќе ни се случуваат катастрофи, рече Тошковски на прес-конференцијата која се одржа пред седиштето на МВР на 19 март 2025.

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот