Инсулинска аптека, фото „Слободен печат“ Драган Митрески
Инсулинска аптека, фото „Слободен печат“ Драган Митрески

Сите 3.500 пациенти со дијабетес тип 1 во Македонија бараат систем како „вештачки панкреас“

Сојузот на здруженија на дијабетичари бара Владата и Министерството за здравство годинава да најдат пари во буџетот и на сите 3.500 пациенти кои живеат со дијабетес тип 1 во земјава да им се обезбедат најнапредните инсулински пумпи со сензор кои одигруваат улога на „вештачки панкреас“. Досега само 300 пациенти што имаат дијабетес тип 1 добиваат инсулински пумпи ама не се од оние што Сојузот ги бара, туку се застарени.

Преку допис до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, дијабетичарите бараат годинава, кога ќе се склучи двогодишен тендер за инсулински пумпи што владата го обезбедува од буџетот –  тој да биде за системи кои се со најнова технологија и кој ќе доведе да има намален број на дијабетична кетоацидоза и хипогликемии.

Инсулинските пумпи кои треба да се набават во 2025 година, бараме да бидат современи напредни хибридни затворени системи. Тоа е инсулинска пумпа поврзана со систем за континуирано мерење на гликемија кои преку автоматизиран алгоритам испорачува инсулин и овозможува постигнување целни нивоа на гликемија поставени за секој пациент поединечно. Со поставување на пациентите со дијабетес тип 1 на овие напредни системи, тие истовремено стануваат и корисници на сензор, вели за „Слободен печат“ Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари и пациент со дијабетес.

Тој вели дека секое дете што живее со дијабетес тип 1 треба да има пристап до напреден хибриден затворен систем, односно до уред што ќе ја мониторира гликемијата постојано и точно. Од Сојузот велат дека ако Владата и Министерството за здравство се решат да ги купат овие системи, тогаш тоа ќе доведе до заштеда во државниот буџет на начин што нема да има толку многу пациенти што ќе ги лекуваат скапите последици од дијабетесот кои го зафаќаат целото тело. Сојузот алармира, дека овие инсулински пумпи не се лукзус туку вообичаен начин на лекување на пациентите со дијабетес во блискиот регион на Македонија и дека со нивната употреба се создава општествена вредност бидејќи лицата со дијабетес тип 1 ќе може да ги вршат општествените функции – учење, студирање, спорт, работни обврски и да бидат активни чинители што ќе го полнат буџетот на државата наместо да бидат лица со инвалидитет или болни лица што развиваат компликации од дијабетесот.

Овие системи се најново технолошко решение во светот за третман на дијабетес тип 1, кое се смета за нешто најблиску до вештачки панкреас. Овие системи им помагаат на луѓето со дијабетес тип 1 да одржуваат контрола на гликозата во крвта, значително ги спречуваат сите ризици од компликации поврзани со дијабетес, како што се ретинопатија, невропатија, бубрежна инсуфициенција и кардиоваскуларни заболувања. Овие компликации се скапи за лекување на долг рок и често бараат хоспитализација, итна помош, хируршки интервенции, дијализа и долготрајна рехабилитација, додава Велев.

Од Министерството за здравство не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ дали ќе има можност да се излезе во пресрет и да се одговори позитивно на барањата на дијабетичарите. Хибридните пумпи според дијабетичарите би значеле усогласување на политиките на земјава за менаџирањето на дијабетесот со оние на Европската Унија.

Сите земји на Европската Унија, како и во регионот (Словенија, Хрватска, Србија) обезбедуваат затворен Хибриден Систем (AID систем). Нашата држава мора да го стори истото за да ги поддржи своите граѓани и да ја исполни својата заложба за универзална здравствена заштита. За значењето на користење на инсулински пумпи постојат референтни светски истражувања, каде што резултатите, од истражувањата покажауваат дека користењето на инсулинска пумпа доведува до намалување на хоспитализациите за 49 проценти кај пациенти со тип 1 дијабетес, намалување на дијабетична кетоацидоза за 56 проценти кај тип 1. Намалување на појавата на дијабетична кома за 39 проценти кај тип 1, додаваат од Сојузот.

Во нивното обраќање до владата апелираат за зрелост и одговорност кон секој пациент со дијабетес, без како што наведуваат „бледи забелешки на хартија и дискусии во недоглед“.

Министерството за здравство заврши со набавката на инсулин за следните 2 години

 

Како што е објавено на страницата за следење на електронските набавки во државните институции, Министерството за здравство пред една недела заврши со набавката на инсулин и глукагон за периодот април 2025 до април 2027 година.

Потпишани се договори со шест компании со што ќе се осигура дека наредните 2 години сите пациенти со дијабетес преку инсулинските аптеки ќе добиваат инсулин. Изминатите месеци, кога се трошеа последните залихи од претходната двогодишна набавка, дел од дијабетичарите останаа без нивниот вид на инсулин бидејќи се потрошил.

Сега тој проблем го снема. Во инсулинските аптеки уште нема оземпик, но се очекува и тој проблем да се надмине неделава, изјави Велев за „Слободен печат“. Во договорите за јавна набавка има инсулини со брзо-ултра дејство, средно и долгодејствувачки комбиниран со брзодејствувачки, наполнети инјекциски пенкала, оземпик итн. Носителите на набавките со договорите се обврзуваат дека ќе располагаат со минимум една дополнителна месечна количина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот