Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Синдикалната минимална кошница за март 58.998 денари

Во март вредноста на синдикалната минимална кошница изнесувала 58.998 денари. Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец февруари годинава е зголемена за 1.522 денари.

Според Сојузот на синдикати на Македонија, најголемо зголемување има во делот кај храната и пијалаците кои за месец март изнесуваат 22.681,00 денари, споредено со месец февруари, кога изнесувала 21 219,00 денари, зголемени се за 1 462,00 денари. Од ССМ наведуваат дека со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март синдикалната кошничка изнесува 74 373,00 денари.

Од податоците со кои располага ССМ, од декември 2023 година до март 2024 година трошоците само за храна и пијалаци се зголемени за 1 951,00 односно за 9,41 отсто.

– Вредноста на минималната синдикална кошница е во постојан пораст од почетокот на годината, поконкретно во месец март 2024 година, каде што зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалаците, што е резултат дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано само во интерес на зголемување на својот профит енормно ги зголемија цените на прехранбените производи што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени, се наведува во денешното соопштение на ССМ.

Растот на цените, велат од Синдикатот, придонесува да се изгуби куповната моќ на работниците и граѓаните. Затоа, со новото зголемување на минимална плата од март 2024 година која според пресметките ќе изнесува околу 22.567,00 денари нема да има позитивен ефект врз стандардот на граѓаните.

– ССМ предлагаше продолжување на мерката за ограничување на цените во насока на заштита на животниот стандард на работниците и граѓаните особено поради тоа што знаевме дека алчноста и профитот на газдите ќе бидат причина за неосновано зголемување на цените на штета на работниците и граѓаните, а тоа е нешто што не смее да се дозволи. Работниците и граѓаните ги повикуваме незадоволството да го изразат заедно со ССМ на протест и да ни се приклучат, затоа што моментот кога треба да бидат гласни е сега, се вели во денешното соопштение од ССМ во врска со синдикалната кошница за март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот