Средбата се одржа на 3 јули во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Силна поддршка за вмрежување на филмските продуценти со Франција

Професионална средба со тематски наслов „Копродукција меѓу Франција и земјите од Западен Балкан: структурирање, поддршка и валоризација на филмското творештво“ во организација на Францускиот институт се одржа на 3 јули во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје.

Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје низа години делуваат во насока на презентација на француската кинематографија пред домашната публика преку прикажување на најновите француски филмови во рамките на гала филмски вечери, фестивали на француски филм, киноклубови, но и недели на франкофонски филм. За досегашните активности на тој план на тематската средба говореше Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје.

Со цел да се доближи француското филмско творештво до домашната публика, Институтот и Амбасадата делуваат, исто така, во насока на продлабочување на француско-македонските копродукции. Франција и Северна Македонија во 2021 година потпишаа билатерален договор за филмска копродукција, но овој договор сè уште не е целосно исползуван и останува да се истражат многуте начини за негово полно искористување, па оттука и потребата од негово промовирање.

Така произлезе и двегодишниот проект на француското Министерство за надворешни работи со кој се предвидува поддршка за вмрежување на продуцентите од Франција и Северна Македонија и пошироко, од Балканот, како и продлабочување на соработката на полето на филмот.

Со намера да се дадат дополнителни информации во однос на соработката, Францускиот институт во Скопје организираше професионална средба со тематски наслов „Копродукција меѓу Франција и земјите од Западен Балкан: структурирање, поддршка и валоризација на филмското творештво“. На средбата беше поканета Летиција Кулиг, аташе за аудиовизуелна дејност во амбасадата на Франција во Белград, од каде активно ги следи случувањата во областа на филмската соработка низ Западен Балкан. Таа истакна дека се вложуваат големи напори да се зголеми соработката помеѓу продуценти од Франција и продуценти и филмски фестивали од Западен Балкан.

Во рамки на проект на француското Министерство за Европа и надворешни работи досега се остварени партнерства со осум фестивали од Западен Балкан, а француски продуценти беа поканети на директни средби со регионални автори и продуценти во рамките на два македонски фестивали: Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје и Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. На овие фестивали беа организирани копродукциски форуми, каде што повеќе француски продуценти се сретнаа со локални носители на проекти, со цел да имаат размена и да се создадат партнерства и потенцијални соработки.

Искуствата за досегашната соработка на средбата ги споделија Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“, и Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Соработката продолжува и годинава: на новите изданија на „МакеДокс“ и „Браќа Манаки“ повторно ќе бидат поканети француски продуценти, кои ќе имаат можност да се запознаат со по 10 селектирани локални проекти.

Проектот завршува до крајот на 2025 година, со надеж дека резултатите ќе се конкретизираат преку копродукции и подобра интеграција на македонските автори во францускиот и европскиот филмски простор. На средбата во „Литература.мк“ присуствуваа и претставници на Агенцијата за филм, Друштвото на филмски работници на Македонија, како и директори на повеќе домашни филмски фестивали, филмски продуценти, автори и филмски работници.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 288, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.7.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот