Силјановска собра 28 илјади, но се потпре на 30 потписи

Кампања сдсм вмро/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

ДИК официјално не ја коментира кандидатурата на Силјановска Давкова, а неофицијално потврдува дека за нејзината кандидатура се приложени само потписите на пратениците. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека номинацијата со пратенички потписи е од технички причини.

Пратеничката и универзитетска професорка Гордана Силјановска Давкова е единствена од седумте кандидати за претседател на државата која доставила до Државната изборна комисија (ДИК) кандидатура со пратенички потписи, односно без потписите на граѓаните, иако за номинацијата собра околу 28.000 граѓански потписи. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од технички причини номинацијата за Силјановска Давкова е само со пратенички потписи.

Професорката, пак, не ни одговори дали тоа значи дека во претседателската трка влегува како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а не како натпартиски кандидат, и зошто за кандидатурата собираше граѓански потписи.

ДИК официјално не ја коментира кандидатурата на Силјановска Давкова, а неофицијално потврдува дека за нејзината кандидатура се приложени само потписите на пратениците.

Ова и не би требало да биде тема, но кандидатите за шеф на државата и партиите што застанаа зад номинациите токму собирањето граѓански потписи го издигнаа на ниво на изборен ден, па од час во час известуваа кој од кандидатите собрал повеќе потписи од граѓаните. Партиите и лидерите се фалеа дека редици граѓани чекаат пред подрачните единици да го дадат својот потпис токму за нивниот кандидат. На крајот, според ДИК, од 15-те пријавени кандидати за собирање потписи за претседателските избори, потребните 10.000 потписи ги собрале Стево Пендаровски (СДСМ) – 22.411 потписи, Гордана Силјановска Давкова (ВМРО-ДПМНЕ) – 28.086, Бујар Османи од ДУИ – 11.085, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција „Вреди“ – 10.710, кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски – 11.278, Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија – 11.605 и Билјана Ванковска Цветковска од Левица – 10.528 потписи.

Дека Силјановска Давкова се кандидирала само со пратеничките потписи информира изборниот тим на актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат Пендаровски. Според Медиа центарот, доставувањето пратенички потписи покажало две работи – дека кандидатката Силјановска Давкова не е натпартиски кандидат, туку единствено кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и дека таа и ВМРО-ДПМНЕ излажале илјадници граѓани што со часови чекале да се потпишат.

– Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ е единствениот кандидат за претседател на државата, кој наместо потребните граѓански потписи до ДИК со својата кандидатура достави потписи од пратеници. Пред само две недели ВМРО-ДПМНЕ се фалеше дека за Гордана Силјановска Давкова се потпишале најмногу граѓани, се споменуваа бројки од 20.000, 25.000 потписи па и повеќе. Но на крајот, кандидатурата на Силјановска Давкова беше поткрепена само со триесеттина потписи на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ – велат од изборниот тим на Пендаровски.

Оттаму прашуваат – зошто Силјановска-Давкова се одлучила за ваков потег. Се сомневаат дека на денот на собирање на потписите излажале за вкупниот број собрани потписи и дали можеби имало совпаѓање на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии, а другите во подрачни одделенија на ДИК. Од тимот на Пендаровски ги прашуваат Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ дали конечниот број потписи не само што не е драстично поголем, туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски.

Според СДСМ, пак, ВМРО-ДПМНЕ не собрала валидни, законски потписи за нивната кандидатка.

– Очигледно, ДПМНЕ како што ги лажира анкетите, сакала да ги лажира и потписите, па кога разбрале дека ќе се проверува легалноста на секој даден потпис, не ги поднеле. Клучното е дека ниту ДПМНЕ ниту Гордана Силјановска ја немаат поддршката од граѓаните – вели Богданка Кузевска, портпаролка на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Пендаровски дека озборува и пласира невистини и додаваат дека кандидатурата е технички процес.

– Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска-Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура, и тоа е она што е најголема болка за Пендаровски и СДС – велат од ВМРО-ДПМНЕ и му препорачуваат на Пендаровски да престане да озборува.

Од партијата на Христијан Мицкоски брифираат дека одлучиле за кандидатурата на Силјановска-Давкова да одат само со пратенички потписи за да не мораат да отвораат две сметки кога ќе почне изборната кампања, што според нив создава хаос при рекламирањето.

Александар Даштевски во „Тема на денот“ / 19 август 2022 / Фото: Скриншот, Фејсбук

Претседателот на ДИК Александар Даштевски вели дека има такви муабети, но не сакаше да одговори за кандидатурата на Силјановска-Давкова.

– Листите дали кандидатите ги исполнуваат условите за кандидатура за претседател на државата се на проверка во МВР. В четврток МВР треба да ни ги достави, по што во 11 часот ДИК ќе одржи состанок – вели Даштевски.

Давкова на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која беше избрана за кандидатка за претседател на државата, сама најави дека за кандидатурата ќе собира граѓански потписи.
Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш соопштија:

„Професорката Силјаноска-Давкова целата своја научна кариера ја има посветено на промоција и одбрана на демократијата како начин на уредување, и централната улога на граѓаните во неа, затоа и покрај тоа што таа има поддршка од 30 пратеници, поддршката од граѓаните е најзначајна. Очекувањата се дека потписите од граѓаните ќе бидат собрани за еден ден“.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот