Силјановска Давкова: Ова не е правна држава, туку е партиска држава

Во својот говор на предизборниот митинг во Неготино кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова се спротивстави на мислата на филозофот Хегел кој смета дека секој народ ја заслужува својата власт. Според Силјановска Хегел не е во право затоа што Македонците заслужуваат подобар претседател и премиер од тие што сега ги водат.

,,Оваа држава е далеку од правна држава, државата ни е партиска! Мислам дека вие не ја заслужувате оваа власт, тоа треба да се смени и по овие претседателски избори ветувам дека ќе го сторам она што го очекувате од мене. Секој ден ќе ви докажувам дека мојот легитимитет извира од вас, а не од некој друг. Во Македонија сега постојат две држави во една, две собранија, два премиери и за тоа вината е и кај шефот на државата. Негова улога е обединува и да помирува, да гради единство меѓу власта и опозоцијата, меѓу мажите и жените, меѓу лицата со попреченост и другите, рече таа.

Според Силјановска Давкова сликата за Македонија во светот ја даваат државните претставници и Македонија не е држава што ужива углед во светот.

,,Се плашам кога сегашните државни претставници се среќаваат со странци и се прашувам што ли ќе кажат, дали ќе стојат на ставот. Одат со еден став, се враќаат со друг став а потоа воопшто немаат никаков став и затоа не заслужуваат почит. Граѓанките и граѓаните на Неготино не заслужуваат ваква власт, додаде таа.

Според кандидатката за претседател сликата за државата е сликата на претседателот, премиерот, спикерот, амбасадорите, претседателката на врховниот или уставниот суд.

Претседателот има директна одговорност за лошата слика за земјата во светот затоа што тој ги потпишува указите за амбасадорите. Претседателот има одговорност за правосудството затоа што таму предлага членови на Судскиот совет.
За уставниот суд каде исто така предлага членови исто така има вина затоа што нашиот највисок суд не е познат како бранител на човекови права и слободи, порача Силјановска Давкова од Неготино.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот