
Сидни Свини повторно на удар на критики: Сега не е поради фармерките, туку поради Доналд Трамп
Сидни Свини моментално е на врвот на својата кариера, но во исто време се соочува со разни критики. Како што објави „Њујорк пост“, актерката е регистрирана во Републиканската партија на Флорида, а се регистрирала во јуни минатата година, неколку месеци пред Доналд Трамп повторно да победи на претседателските избори во САД.
Препорачано
Откако беше откриено дека се регистрирала како републикански гласач, Свини доби бројни негативни коментари од гласачи кои се наклонети кон демократите.
„Таа штотуку изгуби еден куп обожаватели“; „Ова е навистина лошо за неа“; „Сидни, девојче, мислам дека е готово за тебе“; „Ова е нејзиниот бренд сега, се надевам дека е среќна“, беа некои од коментарите на социјалните мрежи.
Обожавателите на социјалните мрежи исто така истакнаа дека, по оваа информација, „не биле изненадени“ што таа снимила реклама за „Американ Игл“ што предизвика лавина од реакции. Имено, слоганот на кампањата е: „Сидни Свини има одлични фармерки“, и се поигрува со зборовите „фармерки“ (jeans) и „гени“ (genes).
Во едно од видеата, кое брендот го објави на социјалните мрежи и оттогаш го избриша, Свини исто така рече: „Гените се пренесуваат од родители на потомци, честопати одредувајќи особини како што се бојата на косата, личноста, па дури и бојата на очите. Моите фармерки се сини“.
Слоганот и монологот на актерката ги натераа обожавателите да размислуваат за генетиката на жената со руса коса и сини очи, што ги наведе да се согласат дека брендот на тој начин промовира евгеника, дискредитираната научна теорија дека човечката раса може да се подобри со отстранување на помалку посакуваните особини. Покрај тоа, многумина рекоа дека Сидни и популарниот бренд промовираат „нацистичка пропаганда“.
По острите критики, „Американ Игл“ се огласи, а компанијата во соопштението рече дека слоганот важи само за фармерки. Од друга страна, Свини сè уште не се огласила поради контроверзната реклама, како и поради информациите дека е регистрирана во Републиканската партија.