
Швеѓаните го открија најголемиот извор на ретки минерали во Европа
Шведската државна рударска компанија ЛКАБ денеска објави дека открила минерални суровини со повеќе од еден милион тони ретки оксидирани минерали во областа Кируна, едно од најпознатите наоѓалишта во Европа.
Препорачано
Ретките минерали се неопходни за многу високотехнолошки производствени процеси и се користат во електрични автомобили, турбини на ветер, пренослива електроника, микрофони и звучници.
„Ова е добра вест, не само за ЛКАБ, Кируна и шведскиот народ, туку и за Европа и климата“, рече извршниот директор на компанијата Јан Мостром.
Oвие наоѓалишта би можеле да се покажат како „исклучително важна компонента за производство на клучни суровини кои се апсолутно неопходни за зелената транзиција“.
Елементите од ретки земји во моментов не се ископуваат во Европа, поради што континентот е зависен од увоз од други континенти. Во наредните години се очекува голема побарувачка за овие минерали поради инвестициите во електрични автомобили и обновливи извори на енергија.
Европската комисија посочува дека ретките минерали се едни од најважните ресурси за Европа. Огромното мнозинство на ретки минерали се ископува во Кина, а ископувањето на овие скапоцени метали од ретки земји во Шведска ќе трае долго време.
ЛКАБ планира да побара концесија за експлоатација во 2023 година, но додава дека ќе бидат потребни 10 до 15 години пред почетокот на ископувањето и испораката на пазарот.
Ретките земјени метали се група од 15 минерали од групата лантаниди од периодниот систем, иако овој број е проширен за да ги вклучи скандиумот и итриумот. Станува збор за минерали кои се појавуваат во ниски концентрации и во геолошки формации кои можат да ја направат нивната екстракција многу скапа бидејќи брзо се оксидираат и процесот може да биде многу загадувачки.