
Швајцарска финансиска поддршка: Ќе се поврзува канализацијата од Виница на пречистителната станица кај Мојанци
Општина Виница обезбеди грант од 7,1 милиони евра од Владата на Швајцарија за реализација на проектот за поврзување на фекалната канализација со станицата за пречистување на отпадни води кај кочанското село Мојанци.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Финансиската поддршка е во рамки на ИПАРД 3 програмата, а со свои буџетски средства ќе учествуваат и локалните самоуправи на Виница и на Кочани.
– Проектот ќе обезбеди поврзување на фекалната колекторска мрежа од Виница, како и од селата Градец, Лески, Јакимово и Истибања со пречистителната станица, при што ќе се примени комбиниран принцип за одведување на отпадните води со испумпување и по гравитациски пат. Скоро половина од финансиските средства се наменети за рехабилитација на главниот колектор, за реконструкција на секундарната канализациска мрежа, како и за одвојување на атмосферската вода. Целта е да се спречи излевањето на фекалните отпадни води во коритото на реката Брегалница и нејзиното деградирање, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Обврска на општините Виница и Кочани е да ја финансираат изработката на инфраструктурниот проект, како и да ги обезбедат потребните дозволи и согласности од надлежните министерства.
По комплетирање на документацијата се очекува повикот за избор на изведувач да биде објавен есенва, а градежните работи да почнат кон крајот на годината.