Шукова: Учениците треба повеќе да учат за екологијата и за климата

Темите за животната средина програмски треба да бидат повеќе вклучени во образовниот процес, треба да отвориме дебата, да се консултираме со ресорите кои работат на ова прашање, секако и со Министерството за образование и наука, порача денеска министерката за животна средина Каја Шукова.

– Треба постојано да се зборува за животната средина, бидејќи кога ќе го научите детето од најмало дека треба да ја вреднува животната средина, тоа ќе го практикува наученото – рече Шукова.

Таа потсети на иницијативата „Зелен пакет“ и го посочи како добар пример кој треба иниституциите да го следат во иднина.

– Во оваа држава се направени материјали во однос на заштита на животната средина, не знам колку се сеќава јавноста, но во годините наназад имаше и беше промовиран „Зелен пакет“ за животна средина кој дава многу добри информации за децата. Треба да се вклучи во образовниот процес, но секако, и сите институции особено МОН, кое најактивно работи теми од животната средина, а секако и единиците на локалната самоуправа, како дел од нивните надлежности треба во своите програмски активности постојано да ги вклучуваат децата за да можат што повеќе да научат за животната средина и потоа и сите нас да нè потсетуваат дека треба да се грижиме за заштитата на околината – изјави министерката.

Таа денеска присуствуваше на настанот по повод Денот на планетата Земја, на кој беше поставена изложба на постер-презентации изработени од учениците кои посетуваат настава во училиштата што се вклучени во програмата ГЛОБЕ.  Денот на планетата Земја оваа година се слави под мотото „Инвестираме во знаење – се грижиме за планетата“.

Претставници од Министерството ги запознаа присутните ученици со работата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух, говореа за неопходноста и за придобивките од редовното и навремено следење на квалитетот на медиумите од животната средина.

– Денеска со овој настан ги потврдуваме нашите заложби за спроведување на ГЛОБЕ Програмата која за нас претставува вонредно важна и благородна мисија во две области од клучно значење за нашата иднина – заштита на животната средина преку нејзино спознавање и едукација на младите генерации, бидејќи тие се главни актери во промените за квалитетен живот и одржлива и зачувана околина, што ќе ја наследат од нас – истакна Шукова во воведното обраќање.

Македонија е вклучена во програмата ГЛОБЕ од 1998 година и досега практичната обука од програмата ја поминале околу 60 професори од државата.

 

 

На настанот Министерството за животна средина додели опрема за училиштатам, односно 18 инфрацрвени бесконтактни термометри за 18 училишта и четири комплети за градинарство за четирите најактивни училишта за 2022 година.

Програмата ГЛОБЕ е меѓународен проект за заштита на животната средина каде преку едукација на учениците се комбинираат науката, образованието и технологијата на меѓународно ниво, во функција на осознавање на животната средина. Ученици од над 38.000 училишта од 127 земји работат според унифицирани протоколи во осознавање на различните медиуми на животнтата средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот