
Шукова: Карпош полесно ќе дише со нов мост, продолжување на булеварите и функционални јавни претпријатија
Во салата „Партизан“ во Карпош, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ги претстави клучните приоритети на својата програма – функционални јавни претпријатија, уреден сообраќај, повеќе зеленило и современо, дигитално Скопје.
Препорачано
„Ова не е само лична кампања, ова е заедничка мисија да изградиме модерно, чисто и функционално Скопје, град што ќе биде наш дом, а не извор на секојдневни нервози,“ изјави Шукова, нагласувајќи дека решенијата што ги нуди се реални и проверени.
Таа ги критикуваше неуспесите на актуелната градска власт, истакнувајќи дека четири години граѓаните живеат без основни услуги:
„Немаме редовно подигање на сметот, немаме вода во високите зони, јавниот превоз е нефункционален, а парковите и улиците се запуштени. Градот го претворија во џунгла.“
Шукова најави целосна реорганизација на јавните претпријатија и обновување на постојната инфраструктура: „Ќе го изградиме Скопје по европски терк – град што обезбедува ред, услуга и сигурност.“
Во Карпош, таа најави неколку клучни инфраструктурни проекти: изградба на нов мост, близнак на „Обединети нации“, со шест коловозни ленти и велосипедски и пешачки патеки; поврзување на булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ со современо сообраќајно решение; продолжување на булеварот „Словенија“ до Ѓорче Петров – нова артерија долга 4,5 километри што ќе го поврзе западот и северот на градот; и конечно ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски“ и „Љубљанска“.