
Шукова им вети на скопјани бесплатни филтри за оџаци, повеќе зеленило и решавање на проблемот со кучињата скитници
Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова најави што позелено и поурбано Скопје. Таа денеска од Аеродром, на скопјани им вети бесплатни филтри за оџаците, за оние кои не се грејат на парно. Според неа, тоа е сериозна мерка, со оглед дека половина од загадувањето во Скопје доаѓа токму од домаќинствата.
Препорачано
„Според сите анализи, 50 отсто од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата и мора да им се помогне. Предвидовме неколку мерки во програмата, за тоа ќе говорам наредните денови. Предвидовме бесплатни филтри за оџаците на домаќинствата. Ова е пракса што е спроведена во многу европски градови и покажува резултати. Секоја година по пет до десет илјади домаќинства, односно на нивните оџаци, од каде што излегуваат голем дел од ПМ-честичките, да се постават филтри што ќе ги задржуваат честичките. Мислам дека тоа е добра и сериозна мерка, која ќе го намали загадувањето на Скопје“, најави Шукова.
За оваа мерка минатата недела зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави субвенции за иста бројка домаќинства, од пет до десет илјади, за набавка на филтри за оџаците. За да почне субвенционирањето уште оваа сезона, премиерот Мицкоски рече дека треба да се провери што дозволува законот, со оглед на изборите што се поклопуваат со почетокот на грејната сезона.
Наместо замена на начинот на греење Владата ќе субвенционира филтри за оџаци
Шукова најави и 15 нови паркови за 15 месеци, со кои ќе формира зелен појас околу Скопје, кој очекува да влијае и на намалувањето за загадувањето. Најави и крематориум за домашни миленици, поголема грижа за уличните кучиња, како и засилен мониторинг на загадувачите од општинските инспектори.