Семејства на заложниците земени од Хамас / Фото EPA-EFE/DEAN LEWINS

Што знаеме досега за заложниците кои ги држи Хамас?

Вооружени напаѓачи од палестинската група Хамас зедоа најмалку 200 заложници и убија околу 1.400 луѓе за време на рацијата на 7 октомври извршена од Појасот Газа врз цивили и воени бази во јужен Израел.

Израел одговори со голем број удари над Газа, убивајќи илјадници, и соопшти дека ќе дејствува за ослободување на заложниците додека го „брише“ Хамас, пренесува Ројтерс.

Израел собра тенкови и војници во близина на периметарот на енклавата и ги повика Палестинците да го евакуираат северниот дел на Газа пред очекуваната копнена инвазија. Хамас сугерираше дека заложниците би можеле да бидат заменети за околу 6.000 Палестинци кои се чуваат во израелските затвори.

Во 2011 година, Израел беше критикуван од некои негови граѓани за размена на 1.027 палестински затвореници за да добие ослободување на еден израелски војник.

Израел соопшти дека нема да има крај на блокадата на енклавата без слобода на израелските заложници.

Киднапирана Израелка / Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Колку заложници има таму?

Се проценува дека околу 200 лица, меѓу кои 30 малолетни и мали деца и 20 лица постари од 60 години, се држени како заложници во Газа, објави во четвртокот израелската јавна телевизија Кан, цитирајќи воени извори.

Хамас вели дека има меѓу 200 и 250. Наведе дека повеќе од 20 заложници се убиени во израелските воздушни напади, но не даде дополнителни детали.

Заложници од Израел земени од Хамас / Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Каде се заложниците?

Израел вели дека заложниците биле однесени во Газа, но не се знае точно каде се наоѓаат во енклавата, што го прави нивното спасување покомплицирано. Се верува дека многумина би можеле да се држат во тунелите под Газа што израелските војници го нарекуваат „метрото на Газа“.

Хамас во понеделникот објави видео од Миа Шем, 21-годишна француско-израелка, заробена на фестивалот. На видеото, таа била прикажана како неидентификуван медицински работник ја лекува поради повреда на раката.

Израелците бараат да се ослободат нивните сограѓани држени од Хамас / Фото EPA-EFE/DEAN LEWINS

Од каде се заложниците?

Меѓу заложниците има луѓе од десетици земји, додека многумина имаат и израелско државјанство.

Дваесет или повеќе Американци се исчезнати, изјави во вторникот американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, додавајќи дека не може да каже колку од нив се држени како заложници. Републиканскиот сенатор Џим Риш во вторникот изјави за новинарите дека 10 од заложниците се Американци.

Тајланд соопшти дека бројот на притворени свои граѓани е околу 17. Осум Германци се меѓу заложниците, од кои околу половина биле запленети во кибуц, јавуваат локалните медиуми.

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез во видео повик со семејствата изјави дека 16 негови сонародници се приведени.

Најмалку девет британски државјани се убиени, а седум се исчезнати, изјави портпаролот на премиерот Риши Сунак. За време на патувањето во Израел во четвртокот, Сунак се сретна со семејствата на двајца од исчезнатите за кои се верува дека се земени како заложници и држени во Газа.

Риши Сунак во Израел / Фото Твитер Риши Сунак

Франција не соопшти точно колку нејзини граѓани се задржани во Газа, иако има седум исчезнати по нападите, од кои некои се држат како заложници.

Офир Енгел, 18-годишен холандски државјанин, бил киднапиран од кибуцот Беери и одведен во Газа, според холандската влада.

Португалија соопшти дека претпоставува дека четворицата португалско-израелци кои се исчезнати се земени како заложници. Израелско-чилеанката Дафна Гаркович била земена како заложник со нејзиниот шпански сопруг Иван Иљараменди, изјави нејзиниот татко. Италија соопшти дека двајца двојни италијанско-израелски државјани се исчезнати, за кои се претпоставува дека се киднапирани.

Вооруженото крило на Хамас на 16 октомври соопшти дека киднапираните неизраелци биле „гости“ кои ќе бидат ослободени „кога ќе дозволат околностите на теренот“.

Што велат владите?

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го назначи пензионираниот генерал Гал Хирш за координатор на Израел за заложници и исчезнати лица.

Катарските посредници рекоа дека се обиделе да преговараат за слободата на израелските жени и деца запленети од Хамас во замена за ослободување на 36 палестински жени и деца од израелските затвори, изјави за Ројтерс извор информиран за разговорите. Засега нема индикации дека може да дојде до договор.

Турција, исто така, разговара со Хамас за да обезбеди ослободување на странци, цивили и деца, изјави во вторникот министерот за надворешни работи Хакан Фидан. Тој за државната новинска агенција Андалу изјави дека земјите, вклучувајќи ги САД и Германија, побарале помош од Турција за ослободување на нивните граѓани.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговата администрација „работи напорно“ за да најде американски заложници држени од Хамас. САД испратија мал тим сили за специјални операции во Израел за да помогнат во разузнавањето и планирањето на какви било евентуални операции за спасување на заложниците.

Бајден и Нетанјаху / Фото EPA-EFE/MIRIAM ALSTER / POOL

Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека неговата влада разговара со партнерите во регионот за да се обиде да помогне да се обезбеди враќање на заложниците.

Аргентинскиот претседател Фернандез рече дека неговата влада разговара со израелските разузнавачки сили за лоцирање на аргентински заложници.

Германија отвори истрага против членови на Хамас за сомневање за убиство и земање заложници. Според германскиот закон, обвинителите се принудени да истражуваат сомнителни злосторства во странство доколку во нив се вклучени германски државјани.

Што велат семејствата на заложниците?

Семејствата на исчезнатите француско-израелски граѓани го повикаа францускиот претседател Емануел Макрон да помогне во пронаоѓањето на нивните исчезнати роднини.

Семејствата на германските заложници соопштија дека ќе одржат митинг во недела во Берлин за да повикаат на ослободување на нивните роднини по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Тел Авив.

Граѓаните на САД во Тел Авив го повикаа Бајден да ги искористи сите ресурси за да ги лоцира и спаси нивните киднапирани роднини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот