секси пар
Фото: Профимедиа

Што треба да знаете за сексуално преносливите болести: Дали тоа значи дека еден од партнерите е неверен?

Светскиот ден на сексуалното здравје се одбележа на 4 септември. Целта е да се сврти вниманието на сите генерации и поединци, без оглед на сексуалната ориентација, на одговорно сексуално однесување со цел да се заштити сопственото здравје, но и здравјето на нивните партнери.

Терминот „сексуално преносливи инфекции“ (СПИ), ги означува инфекциите што се пренесуваат по пат на сексуален контакт. Некои од овие инфекции се многу чести, некои можат да се лекуваат, а некои не. Сепак, овој вид инфекции можат да остават трајни последици на здравјето на заразената личност.

Мислењето дека СПИ се пренесуваат само при класичен сексуален однос е погрешно.  СПИ може да се пренесат преку контакт со кожата, гениталиите, устата, ректумот или преку телесните течности. Секој што има каков било сексуален контакт (вагинален, орален или анален секс) со друга личност, може да се зарази со СПИ. Носителите на вакви инфекции можно е да немаат забележливи знаци на заболување, поради што порано користениот термин „сексуално преносливи болести – СПБ“ е преименуван во СПИ.

Симптомите може да се појават без оглед на видот на половиот однос – вагинален, орален или анален и без оглед на користењето на кондом. Иако кондомите се ефикасни кај намалување на шансите за сексуално преносливи болести, ниту еден метод, освен апстиненцијата, не е 100 отсто ефикасен. Тоа особено се однесува на одредени преносливи болести, како што се генитални брадавици и генитален херпес.

Симптомите може да варираат од суптилни до очигледни. Ако мислите дека имате некои од нив, веднаш посетете лекар. Но, треба да се има предвид дека некои симптоми може лесно да се третираат и да се елиминираат, додека други, пак, бараат долготрајно лекување.

Исто така, ако забележите некој од симптомите, важно е да го информирате партнерот/ката, за да може и тие да се тестираат и лекуваат. Ако не се лекуваат, сексуално преносливите болести може да го зголемат ризикот од добивање други, уште посериозни болести.

Ова се некои од најчестите сексуално преносливи болести и нивните симптоми:

КЛАМИДИЈА

Бактериска инфекција на гениталниот тракт. Тешко се открива затоа што во раната фаза често има малку или воопшто нема знаци и симптоми. Кога ќе се појават, вообичаено почнуваат три недели по изложеноста на кламидија.

Знаци и симптоми:

– Болно уринирање

– Болка во долниот дел од стомакот

– Вагинален исцедок кај жените

– Исцедок од пенисот

– Болен полов однос кај жената

– Болка во тестисите кај мажите

ГОНОРЕЈА

Бактериска инфекција на гениталниот тракт. Првите симптоми се јавуваат во рок од два до 10 дена од појавувањето на инфекцијата. Меѓутоа, некои луѓе може да бидат заразени со месеци пред да се појават првите знаци.

Знаци и симптоми:

– Густ или крвав исцедок од пенисот и вагината

– Болка или пецкање при уринирање

– Често уринирање

– Болка при сексуален однос

ХИВ

Оваа болест ја попречува способноста на телото ефикасно да се бори против вирусите, бактериите и габите што предизвикуваат болести, а тоа може да доведе и до сида и хронични и опасни по живот болести. Некои луѓе развиваат симптоми слични на грип, вообичаено две до шест недели по инфекцијата.

Раните симптоми на ХИВ вклучуваат:

– Треска

– Главоболка

– Општа слаост

– Отечени лимфни жлезди

– Осип

Овие рани симптоми, што исчезнуваат во рок од една недела до еден месец месец, често се сметаат за симптоми на други вирусни инфекции. Во текот на овој период сте многу заразни. Поупорните или посериозните симптоми на ХИВ не мора да се појават дури и во рок од 10 или повеќе години од почетната инфекција. Како што вирусот продолжува да се размножува и да го уништува имунолошкиот систем, може да се развијат благи инфекции или хронични симптоми, како што се:

– Оштетени лимфни јазли, често еден од првите знаци за ХИВ

– Пролив

– Губење на тежината

– Треска

– Кашлица и тешко дишење

Знаци и симптоми во подоцната фаза:

– Константен замор

– Ноќно потење

– Треска или температура од 38 степени во траење од неколку недели

– Оток на лимфните јазли подолго од три месеци

– Хроничен пролив.

ГЕНИТАЛЕН ХЕРПЕС

Гениталниот херпес е многу заразен и предизвикан од типот херпес симплекс вирусот HSV. HSV влегува во телото низ мали пукнатини во кожата и во слузокожата. Повеќето луѓе со HSV никогаш не знаат дека го имаат, затоа што нема знаци и симптоми, или, пак, може да бидат благи и да поминат незабележително. Кога се забележителни, првата епизода е генерално најлоша. Некои луѓе никогаш не ја искусиле втората епизода, а други луѓе, пак, може да доживуваат епизоди во период од повеќе децении.

Кога се присутни, симптомите може да вклучуваат:

– Мали, црвени испакнати меурчиња или отворени рани во гениталното, аналното или блиското подрачје

– Болка и чешање околу гениталното подрачје, задникот или внатрешните страни на бутовите.

Почетните симптоми се болка или чешање, на почетокот од неколку недели по заразувањето. По неколку дена може да се појават мали, црвени меурчиња. Тие пукаат и се претвораат во чиреви кои може да крвават. Кај жените, раничките може да се појават во вагиналното подрачје, на задникот, анусот, а кај мажите на пенисот, скротумот, задникот, бутовите или на анусот.

Додека имате чирови, мокрењето е болно. Во текот на почетните епизоди може да имате симптоми слични на грип, како главоболка, болки во мускулите и треска, како и отечени лимфни јазли во препоните.

ГЕНИТАЛНИ БРАДАВИЦИ (ХПВ ИНФЕКЦИЈА)

Предизвикани од Хуман папилома вирус – ХПВ, се една од најчестите видови на сексуално преносливи болести.

Знаци и симптоми:

– Мали, сиви отоци или во боја на кожа во гениталното подрачје

– Неколку брадавици една до друга

– Чешање и непријатност во гениталното подрачје

– Крвавење во текот на половиот однос

Честопати нема симптоми.

ХЕПАТИТ

Хепатит A, Б или Ц се заразни инфекции кои влијаат на црниот дроб. Најсериозни се хепатит Б и Ц. Некои луѓе никогаш не развиваат знаци и симптоми. Но, за оние кај кои се јавуваат тоа се:

– Слабост

– Мачнина и повраќање

– Болка и непријатност во стомакот, особено во областа на црниот дроб, на десната страна под ребрата

– Губиток на апетитот

– Темна урина

– Треска

– Чешање

– Жолта кожа и белки на очите

СИФИЛИС

Бактериска инфекција која влијае на гениталиите, кожата и слузокожата, но и на други делови од телото, вклучувајќи ги срцето и мозокот.

Знаци и симптоми:

Четири фази: примарна (мал, безболен чир на дел на телото кадешто е пренесена инфекцијата, вообичаено гениталиите, ректумот, јазикот или усните, зголемени лимфни јазли), секундарна (црвен или црвенкасто кафеав осип, чирови на кој било дел од телото, трeска, замор и непријатно чувство, болки), латентна и терцијарна (сериозно оштетување на внатрешните органи и смрт по неколку години од заразата).

Дали сексуално преносливата болест значи дека партнерот е неверен?

Сексуалниот однос не е единствениот пат за пренос на сексуално преносливи болести, така што самата болест не мора да значи дека партнерот е неверен. Исто така, некои СПИ можат да бидат во мирување многу години, односно можно е партнерот да се зарази пред да стапи во сегашната врска.

Кондомите не се 100 отсто гаранција против сексуално преносливи болести

Освен апстиненцијата, кондомите се најдобриот и единствениот начин за заштита од сексуално преносливи болести. Користете кондом секој пат кога имате орален, анален или вагинален секс, особено со нов партнер надвор од моногамна врска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!