Што се кове со планот за изградба на фабрика во Железарница?

Општина Гази Баба не одговора на прашањето кому се продава земјиштето на север од комплексот на некогашна Железарница, иако „Слободен печат“ уште во изминатата недела официјално се обрати до надлежните да ги провери информациите во врска со плановите за изградба на фабрика за преработка на отпад на катастарската целина Старо Скопје. Не се знае ни за која намена е фабриката, каков отпад е предвидено да се преработува и каква технологија притоа ќе се користи.

Молчењето на надлежните уште повеќе ги подгрева стравувањата дека земјиштето се продава на инвеститор кој планира да согорува отпадна троска и прав од индустриски филтри, полна со тешки метали и други опасни материи.

Граѓанското здружение „О2 иницијатива“ предупредува дека на четири катастарски парцели во Општина Гази Баба, во сопственост на државата, се планира изградба на постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад.

„Општината не дала уште официјални податоци за каков отпад станува збор, ниту со каква технологија тој ќе се преработува и согорува. Неофицијално, на оваа огромна површина се планира да се отвори фабрика која ќе врши третман на троската од ‘Макстил’, топење на прашината од филтрите на оџаците од челичарница и топење на цинк, а за да се задоволат капацитетите на фабриката, ќе се врши и увоз на индустриски отпад од Косово и од Албанија, за кој постои сомневање дека е радиоактивен“, пишува во објавата на фејсбук-страницата на „О2 иницијатива“.

Минатата недела пропадна обидот да се одржи јавна презентација на трите ДУП-ови за парцели во кругот на „Железарница“, откако присутни граѓани и екоактивисти влегоа во вербален конфликт со претставничката на секторот за урбанизам на Општината спротиставувајќи се на идејата за изградба на нови капацитети на тешка индустрија на тој простор.  До крајот на месецов трае можноста за писмено изјаснување по предлог извештајот на стратегиска оцена за влијание за животната средина за овие парцели, што е законска обврска кога се работи за проекти со влијание врз животна средина.

Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски претходно донел одлука за неспроведување на стратегиска оцена, но Министерството за животна средина оценило поинаку и и наложило на општината дека оцена мора да се спроведе. Во овој документ нема податоци за каква постројка се работи, каква технологија таа би користела и каков отпад би преработувала освен дека станува збор за постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад, а дека изборот на локацијата за ваква намена на земјиштето е резултат на анализа дека со планираните постројки „не би се влијаело на постојната тешка индустрија која на јужната страна се граничи со проектниот опфат“.

Во Извештајот се вели и дека „се очекува позитивен ефект од изградба на фабриката врз социјалниот живот на населението, поголема вработеност“, иако, се наведува, овие ефекти може да бидат во конфликт со животната средина, како и тоа дека во оваа фаза не можат да се утврдат детално влијанијата врз животната средина.

„Слободен печат“ консултираше стручни лица околу постоечките технологии за преработка на индустриски отпад од секторот металургија. Нивен став е дека, доколку бидат инсталирани и прописно одржувани и контролирани електростатски филтри, не мора да има проблем со емисиите, се разбира ако се применат сите начини на заштита нема да загадува.

И опозициската се ВМРО-ДПМНЕ спротивстави

„По закон, кога се работи за складирање и управување со отпад задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина и врз животот и здравјето на луѓето. Градоначалникот од само нему разбирливи причини донел одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и врз животот и здравјето на луѓето“, изјави Бобан Стефковски, претседател на локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба.

Тој го прашува градоначалникот – дали под поимот третман на отпад се крие депонија на отпад и нејзина термичка, физичко-хемиска и хемиска преработка односно депонија и хемиско производство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот