
Што прави денеска: Драгана Левенска, актерка
Драгана Левенска е македонска театарска и филмска глумица. Дипломирала на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, на отсек за актерска игра во 2014 година и истата година се вработила во Македонскиот народен театар.
Препорачано

Публиката ја памети по улогите во претставите како учителката по англиски јазик во „Госпоѓа Министерка“, Евушка во „Генетика на кучињата“, Мејбл во „Вејка на ветрот“, Лина во „Многу врева за ништо“, Зинка во „Животот е прекрасен“, слугинката во „Соларис“ и други.
Левенска со свои улоги остави печат и во многубројни филмови како „Искушените“, „Намини бар еднаш“, „Триумф“, „Медена ноќ“, „Човекот кој не беше таму“ и други.
Пред неколку години ја прашавме да ни предложи три нејзини омилени дестинации од нашата земја, а таа ги издвои Берово – „Заради тоа што е воздушна бања, заради чистиот ладен воздух, прекрасните домаќини, малешевското сирење, топлиот дух на Источна Македонија“, Галичник – „заради прекрасниот поглед, близината на дебарските езера, особено Гари… Целата природа во Маврово“ и Крушево – „заради целата историја, Мечкин Камен, Тоше Проески и, се разбира, најубавото топено сирење“.

А, сега ја прашавме повторно, да ни открие како изгледа еден ден од нејзиното секојдневие.
– Имав активно лето на професионален план. И штом завршив со снимања, конечно по три години отидов во Малта да ги видам моите родители, кои живеат таму. Пандемијата за жал нè стави во стоп кадар и ни зададе дистанца. Бев толку многу возбудена пред летот, што имав чувство дека сè што правам како да ми е првпат.
Периодов набљудувам и учам што за себе што за другите и приватно и професионално. Ги поместувам своите граници ги менувам навиките и полека го напуштам комфорот и сум во добра комуникација со моите мисли (се смее).
Утрата ми започнуваат секогаш со медитација, тоа ми е еден нов ритуал што многу ми прилега и потоа денот може да започне (се смее).
Динамиката и темпото на денот ми зависи од работните обврски. Кога имам проба или некое снимање, тогаш го имам она посебно чувство на исполнетост и полетност и тогаш сум вистинската – јас.
А кога сум надвор од тоа работно темпо, спортот, пишувањето и читањето ме одржуваат во еден убав баланс. И една чаша џин или вино за добра ноќ.
