Путин, Моди и Си Џипинг на Самитот во Шангај/Фото: EPA/SUO TAKEKUMA / POOL

Што постигна Шангајската организација за соработка?

Со високиот профил на средбата на Шангајската организација за соработка (ШОС) домаќинот Кина сакаше да демонстрира сила и единство спрема Западот.

Што е ШОС и кои се учесниците на самитот?

Шангајската организација за соработка (ШОС) пред 24 години е основана како организација за борба против тероризам и за економска соработка. Во меѓувреме брои десет членки – покрај основачите Кина, Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан, сега и Индија и Пакистан, како и Иран од 2023 година и Белорусија од 2024 година.

Организацијата со тоа е противтежа на западните сојузи и претставува околу 40 проценти од светската популација, а во голема мера е доминирана од предводници на авторитарни држави. Овогодишниот 25-ти самит во градот Тијанџин, на истокот на Кина, со еден милион жители, беше најголемиот досега.

Покрај шефовите на држави и влади на земјите-членки на ШОС, учествуваа и неколку земји-набљудувачи и партнери за дијалог и меѓународни организации, меѓу другото и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, египетскиот премиер Мостафа Мадбули, премиерот на Мјанмар, Мин Аунг Хлаинг и индонезискиот претседател Прабово Субијанто.

Кои беа главните теми и како се одвиваше самитот?

Централни теми на дводневниот самит беа војната во Украина, борбата против тероризмот, екстремизмот и сепаратизмот, како и стремежот кон поголема соработка и единство наспроти Западот. Уште во пресрет на медијално раскошно организираниот самит, кинескиот претседател Си Џинпинг одржа поединечни средби со неколку шефови на држави и влади на повеќе од 20-те најавени држави учеснички на самитот, како и со претставници на организации, како генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

По воведниот говор на Си на 31 август, првиот ден од самитот, се обратија и други шефови на држави и влади, вклучувајќи го иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и индискиот премиер Нарендра Моди. На вториот ден од самитот се одржаа бројни билатерални средби меѓу шефовите на држави и влади, вклучително и на рускиот претседател Владимир Путин со Моди и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Од Кремљ наведуваат дека Путин ќе разговара со кинескиот претседател Си во Пекинг денеска, втори септември. За крајот на самитот во Тијанџин, членовите на ШОС потпишаа заедничка декларација.

Кои се пораките и резултатите од самитот на ШОС?

Си ги повика земјите-членки да бидат обединети со оглед на конфликтите и трговските спорови. Организацијата треба да биде дорасната на одговорноста за мир, стабилност, развој и просперитет во регионот.

Во својот воведен говор, кинескиот претседател рече дека „менталитетот на Студената војна“ мора да се отфрли, бидејќи го попречува глобалниот напредок. Тој ги истакна успесите постигнати од ШОС, вклучително и соработката против тероризам и инвестициите во индустријата.

Си и Путин за нов светски поредок

Самитот му обезбеди на Путин платформа да ја брани агресорската војна на Русија против Украина и да ги демонстрира добрите релации со Кина и другите земји во Азија. И рускиот и кинескиот претседател го напаѓаа Западот во повеќе наврати за време на самитот.

Путин меѓу другото рече дека „оваа криза не беше предизвикана од нападот на Русија врз Украина, туку резултат на државен удар во Украина што беше поддржан и испровоциран од Западот“. Си и Путин веќе подолго време се залагаат за светски поредок без доминација на САД и Европа. Кина за таа цел се стреми кон поголемо влијание на глобалниот југ и се претставува со инвестициски иницијативи од типот на „Новиот пат на свилата“ како алтернатива за западните партнери.

ШОС против трговски принуди

Во декларацијата потпишана на крајот од самитот, ШОС конкретно се изјаснува против трговски принуди и ги осудува нападите врз своите членки. Државите отфрлаат еднострани принудни мерки, вклучително и „економски мерки“, како што се наведува во декларацијата. Некои членки на ШОС, меѓу кои Индија и Кина, во изминатите недели се бореа со американската администрација на претседателот Доналд Трамп за да постигнат договор околу воведувањето царини.

Ни збор за војната во Украина

Војната во Украина не е спомената во декларацијата. Десетте членки ги осудија терористичките напади од 22 април во регионот Кашмир, којшто е под контрола на Индија. Во нападите загинаа повеќе од 30 лица. Како последица на тоа, имаше жестоки борби меѓу Индија и Пакистан во мај годинава. Според наводите, еден пасус во декларацијата во врска со конфликтот предизвикал спор со индиските претставници.

Јасни критики за хуманитарната ситуација во Газа

Покрај тоа, ШОС ја осуди и хуманитарната ситуација во Појасот Газа и нападите од САД и Израел врз Иран од јуни годинава. Такви агресивни дејствија против цивилни цели и инфраструктура за нуклеарна енергија ги кршат нормите на меѓународното право, се вели во завршната декларација од самитот на ШОС.

Извор: Дојче веле/ Автор: Инес Ајзеле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!