
Што купува Европа во време на пандемија од КОВИД – 19?
Кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД – 19 не ги наруши само социјалните и работните навики на Европјаните, туку и нивните навики во исхрана и шопинг.
Според бриселски „Политико“ не станува збор само за побарувачка на тоалетна хартија, туку и во однос на намирниците. Во Италија забележана е зголемена побарувачка за пакувани мандарини, во Франција се зголемила побарувачката на пилешки колбаси, а во Велика Британија најмногу се бара конзервирано месо.
Препорачано
Според наводите на бриселскиот портал кои се засновани врз податоците од малопродажните центри во овие три земји зголемена е побарувачката за храна со долг рок на траење, а луѓето почнале повеќе да трошат во супермаркети отколку во локалните продавници.
Во трите земји исто така, во март зголемена е потрошувачката на хартија за нега и пакување храна.
Сепак, постои и категорија на храна која претрпи загуби, во Франција и Италија, опадната е продажбата на козметички производи, а во Велика Британија и Италија падната е и продажбата на стока категоризирана како општи производи.
Ваквите промени во потрошувачката на купувачите извршија голем притисок на синџирите за снабдување со храна, но тоа не помина незабележано од политичарите, па министрите за земјоделство од земјите членки на ЕУ минатата недела разговараа за промена на обрасците на потрошувачка.
Тие заклучија дека дошло до значително намалување на купувањето вредни производи како вино, риба, цвеќе за кое се наведува дека во потполност пропаднало, додека потребата за грав, тестенини, јајца, конзервирана храна, овошје и зеленчук со долг рок бележи драстичен пораст.
Исто така се наведува дека изминатиот период во Европа пораснала продажбата на алкохолни пијалоци, освен во Франција каде на 8 март бил забележан дури и пад во продажбата за околу 4 отсто во однос на истиот период претходната година.
Во Италија пак продажбата на шампањ паднала за дури 53 отсто но затоа пак продажбата на пиво пораснала за речиси 14 проценти.
Исто така, во Италија, политичките лидери наговараат купување домашни производи со цел да се поттикне купувањето на домашните производи, со што продажбата на домашно вино пораснала за 13 отсто, а за 14 отсто опаднала продажбата на странските вина.
Забележан е и пад на продажбата на детски ужинки, кои вообичаено биле купувани додека училиштата работеа.
За 33 отсто пораснала продажбата на пилешко месо, а продажбата на телешко и коњско месо бележи пад за дури 64 проценти.
За време на карантинот граѓаните повеќе сами си подготвувале храна со што продажбата на брашно и квасец се зголемила за три пати.
Сепак најголем пораст во продажбата во европските земји се однесува на заштитни средства, како алкохол чија продажба во Италија се зголемила за 247 отсто, а двојна побарувачка е забележана и за хигиенски марамчиња, ракавици и средства за дезинфекција.