
Што гледавме во првата сезона на „Мамавизија“?
Вечерашното издание на емисијата „Мамавизија“ е заокружување на првата сезона од овој проект посветен на мајката. Во март, оваа година, стартувавме со една визија да покажеме што е можно повеќе приказни за мајката, најразлични, несекојдневни, уникатни. Преку 16 успешни реализиарани емисии успеавме да покажеме дел од тоа, а останатото го оставаме за понатаму…
Препорачано
Започнавме со една преубава приказна, со тројката на фамилијата на саксофонистот Горан Папаз, каде што за првпат пред јавноста сопругата на популарниот музичар Наташа Атанасовска, раскажа како е да се биде мајка на тројка, открија дека зачнала природно и дека домот денес им е весела детска градинка.
Го имавме и Игор Џамбазов од кого отворено дознавме каква мајка била Анче Џамбазова. Тој отворено со полно срце раскажуваше за неговата мајка, доајенот на македонското глумиште, од начинот како го воспитувала, до какво е чувството да се работи со сопствената мајка.

По долги години Сузана Турунџиева ја прифати поканата да зборува во „Мамавизија“ за нејзината животна приказна, откривајќи моменти и ситуации од животот коишто не беа познати за јавноста.
Зборувавме и за тоа дали треба да се става на кантар љубовта на маќеата наспроти мајката и колку во ваквите семејства може да се мери љубовта? За ова несебично емоциите ги распосла радиоводителката Зорица Николовска-Зорка, која рече дека прво станала маќеа, па мајка.
Кај нас ретко се зборува на темата борбата на жената да се реализира како мајка по пат на донор на сперма. Еднородителските семејства од ваков тип сè се почеста појава, а поранешната манекенка Викторија Јаначковиќ ги отвори картите за тоа како се одлучила на ваков чекор и дали е тешко да се расте дете без татковска грижа.

Оливера Савеска и Марија Савеска беа нашите гостинки кои ни покажаа една поинаква димензија на поимот мајка. Мајката Оливера го посветува животот на нејзината беспомошна ќерка, којашто се соочува со церебрална парализа.
Се обидувавме да донесеме тешки приказни, но и ведри примери на мајчинството како примерот со Ирина Камилоска која ги мотивира мајките да не се откажуваат од физичката активност доколку здравствените услови им го дозволуваат тоа.
Велат кога ќе ја загубиш мајка си тогаш почнува твојата старост. Од Австралија ја вклучивме Светлана Јаневска која зборуваше за тоа колкава болка преживеала што не можела да биде физички присутна во последните денови од животот на нејзината мајка и како го гледала погребот онлајн.
Со модната дизајнерка Маја Кикириткова ја отворивме темата за мајките кои родиле предвреме и мајките што се породиле со царски рез.

Мајката Рејчел Трајкоски од Филипини нè расположи со нејзината филмска приказна како станала македонска снаа и за тоа како изгледа животот на една мајка странец во Македонија.
И новинарката Снежана Лупевска ја немало одамна на екраните како гостинка, но со топло срце ја прифати нашата покана да го раскаже нејзиниот пат до мајчинството, ни малку лесен, но со среќен крај.
Фотографката Стефани Христов пак, ни покажа дека чуда се случуваат.
Во „Мамавзиија“ оставивме печат и за една мајка револуционерка, постариот син на партизанката Вера Фотева, Лазар Фотев за првпат во јавноста ги раскажа најтешките денови со кои се соочила неговата мајка.

Епизодата за мајката на пет деца привлече големо внимание, нашата гостинка проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, ректор на Европскиот универзитет, позната и како ќерка на Бојо Андревски со отворено срце ги сподели сите тешки мигови со кои се соочила реализиарајќи се како мајка.
На крајот ги имавме прекрасните балерини. Нашата гордост Стефанија Гаштарска со нејзината мајка Марија Крстеска. Како изгледа кога детето ќе тргне по стапките на својот родител и дали тоа понекогаш значи и поинаква одговорност за родителот?!

Низ денешната емисија потсетете се што гледавме во првата сезона на „Мамавизија“?
Сите епизоди остануваат достапни на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.