
Штипскиот базен, кој се гради од пред короната, конечно начека избори пред кои ќе го отворат
Затворениот базен во Штип, кој почна да се гради пред пет и пол години, неделава конечно ќе биде отворен, откако Општина Штип пред неколку месеци се договори со инвеститорот, Министерството за спорт, изградбата да продолжи, пишува „СДК.мк“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На три недели до изборите, општинските багери вчера почнале да го асфалтираат паркингот на базенот. Се завршуваат и внатрешните работи, па се очекува тој да биде пуштен до крајот на неделава, во екот на предизборната кампања. Иако градежните зафати како овој инаку се забранети пред избори, тоа не важи за проектите кои се започнати и за кои има предвидено пари во буџетите на општините. Ако се исполнети тие два услова, нема други прописи кои би ги спречиле актуелните власти во некоја општина да ги планираат, одолговлекуваат и да ги темпираат проектите за свечено отворање непосредно пред избори.
Базенот почна да се гради пред повеќе од пет и пол години, во времето на директорот на тогашната Агенција за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски. Тој во февруари 2020 година го постави темелникот, но испадна дека тоа ќе биде неговата последна посета на базенот, кој требаше да се изгради за околу една година.
По него директор на Агенцијата беше Наумче Мојсоски, но тој го помина целиот мандат без да дојде во Штип и да провери како оди изградбата на базенот што ја плаќа неговата институција.
Се работи за зимски, покриен базен со должина од 25 метри и широчина од девет метри. Тоа ќе биде првиот ваков објект во Штип, каде работи пливачкиот клуб „Челични“, а неговите членови досега мораа да одат во странство за да тренираат.
Работите на базенот се помрднаа дури годинава, а по некоја чудна игра на случајноста испадна тој да биде спремен за отворање на само неколку недели до изборите. Одолговлекувањето со изградбата на базенот во Штип ќе значи и дека тој сега ќе ги чини граѓаните и поскапо од првично планираните 660.000 евра, пишува „СДК.мк“.