
Штип ќе прави нова реонизација за да ја запре сегрегацијата на ромските деца која ја утврди Судот во Стразбур
Европскиот суд за човекови права во Стразбур во декември пресуди во корист на триесетина ромски семејства од Штип и Битола кои поднесоа тужба против државата поради сегрегација на нивните деца во штипско училиште. Според пресудата, државата е должна да им исплати 46.000 евра на оштетените семејства, односно по 1.200 евра по семејство.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во учебната 2017/2018 година во штипското основно училиште „Гоце Делчев“ биле формирани три паралелки во прво одделение, од кои две биле со мешан состав (од македонски и ромски деца), а во третата биле само ученици-Роми.
Снежана Санева од Одделението за образование во Општина Штип сега вели дека актуелното и претходните раководства на училиштето се обидувале да го решат овој проблем, но и дека прашањето е „доста комплексно“.
„Прво географски, учениците живеат на територијата околу училиштето „Гоце Делчев“. Најмногу од ромските семјства живеат на оваа територија, така што почитувајќи го Законот за рeонизација овде ништо не е спорно што тие се запишуваат во ова училиште, а деца од другите националности има се помалку“, вели Санева.
Според Санева, на некој начин самиот Закон продуцира сегрегација. Од една страна мора да се почитува реонизацијата, а од друга, на родителите не може да им биде ускратено правото детето да биде запишано во она училиште за кое тие сметаат дека е најдобро за него. Некои од родителите ја менуваа и адресата на живеење, за што веќе се преземаат и конкретни мерки.
Во училиштето „Гоце Делчев“ скоро две третини од учениците се од ромска националност. Локалната самоуправа ќе прави напори за дисперзија на овие деца во други училишта, со цел да се формираат повеќе мешани паралелки.