
Штикли и патики на црвениот тепих пред фестивалот „Браќа Манаки“ кој се отвори со филмот „Мајка“ на Теона Стругар- Митевска
Со премиера на филмот „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза на режисерката Теона Стругар – Митевска, сношти (20 септември) во Битола, почна 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. На црвениот тепих пред Центарот за култура во Битола годинава не видовме само свечени тоалети. Имаше и гостинки кои се решија да се прошетаат во удобна облека, и патики место штикли, кои се синоним за Широк сокак.
Препорачано
На своето време како студент на „Браќа Манаки“, се сети директорот на фестивалот, актерот Димитрија Доксевски.
„По 19 години, стојам овде, на истото место со микрофон, во оваа сала малку во поинаква улога. Пред 19 години, како млад актер го отворав 27-то издание на ИФФК ‘Браќа Манаки’ како водител. Тогаш во протоколарниот ред седеше Томи Салковски, како сега, но во тоа време беше директор на фестивалот. Забележувам во последните два реда студенти, така беше и во тоа време и јас таму седев како студент, и ете за 20 години можеби некој од вас ќе биде на ова место. Изминативе 20 години често доаѓав на ‘Браќа Манаки’ со филмовите во кои што играв и секогаш се враќав со многу возбуда“, рече Димитрија Доксевски.

Лауреат на наградата Златен медал е филмскиот критичар Благоја Куновски – Доре.
„Му благодарам на Друштвото на филмски работници за ова внимание. Особено ме исполнува да сум дел од таа организација на филмаџиите и што сум дел од овој наш фестивал кој е еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура“, рече Куновски.
Томи Салковски, секретар на Друштвото на филмски работници на Македонија кој најмногу соработувал со Куновски го нарече најголемиот филмски критичар во Македонија на сите времиња, и најголем презентер на македонскиот филм надвор од Македонија. Оваа година се одбележува и 75 години од ДФРМ.
„Големи бројки се 75 години ДФРМ, 46 години „Браќа Манаки“, рече Игор Иванов, претседател на ДФРМ.
Фестивалот почна со уникатно шоу на млади пантомимичари, а гледавме и дел од филмот кој Милтон Манаки го снимил во 1911 година, за турскиот султан Мехмед Решад Петти.
Киро Урдин го изработи плакатот за ова издание на фестивалот. Беше доделена и наградата на „Сумолајт“, „Креативна синергија“ која е воведена од минатата година и се доделува на кинематограферот и неговиот гафер. Наградата ја додели Тим Зур, основач на компанијата „Сумолајт“, а ја добија Бил Поуп и Џонатан Спенсер.
Tурскиот режисер Семи Капланогу е годинешниот лауреат на наградата Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија.
„Ја посветувам оваа награда на режисерката и фотографка Фатима Хасуна, која беше убиена од израелските сили. Ја посветувам, во нејзино име, на децата, жените и сите невини цивили во Газа кои се жртви на геноцидот“, рече Капланоглу кој наградата им ја посвети и на турските режисери Метин Еркасан и Омер Љутви Акад, како и Бресон и Тарковски, од кои како што рече ја научил вистината за филмот.
„На мојот покоен татко, кој како дете ме воведе во светот на Микеланџело, Вермер и Рембрант, a кој и самиот беше фотограф и кој, кога имав само девет години, в раце ми даде 8-милиметарска камера. На мајка ми, која не само што ме водеше во длабочините на турската поезија и книжевност, туку и кон великаните како Толстој и Достоевски.
А најдлабока благодарност должам на мојата сакана сопруга, писателката Лејла“, рече Капланогу.

Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Фестивалот, со видеопорака го отвори претседателката, Гордана Сиљановска Давкова.
Филмот „Мајка“, со кој беше отворен фестивалот е инспириран од животот на Мајка Тереза. Ја раскажува интимната и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, во 1948 година, кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во главните улоги играат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други. Зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија Виржини Сен-Мартин (SBC). Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина.
Млада актерка Сара Сандева го водеше отварањето на фестивалот. Сандева е родена во Скопје, а на 2 години се преселила во Чешка. Таму израснала, а својата актерска кариера ја градела во Прага.
„Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски и Наум Доксевски ќе го затвори фестивалот на 26 септември.