
Шпионски напади врз ирански активисти: „Епл“ предупреди корисници на Ајфон за државно спонзорирана шпионажа
Компанијата „Епл“ испратила предупредувања до повеќе од десетина Иранци дека нивните уреди биле цел на државно спонзорирани шпионски напади, објавија истражувачи за сајбер безбедност и организацијата за дигитални права „Миаан“, пишува Блумберг.
Препорачано
Според извештајот на „Миаан“, во текот на последната година се идентификувани најмалку три потврдени случаи – два во Иран и еден во Европа – каде што цел на напади биле лица поврзани со иранското граѓанско општество. Жртвите добиле официјални известувања од „Епл“ во април 2024 година, откако компанијата детектирала обиди за пробивање на iPhone уредите.
Истражувачите нагласуваат дека метa биле индивидуи со семејно и лично минато на политички активизам против иранскиот режим, што укажува дека нападите биле насочени и веројатно организирани од иранските власти.
„Верувам дека досега го гледаме само врвот на ледениот брег. Имаше најмалку три бранови напади, но многу од жртвите престануваат да комуницираат штом ја сфатат сериозноста на ситуацијата“, изјави Амир Рашиди, директор за дигитални права во „Миаан“.
Според Хамид Кашфи, ирански сајбер-експерт кој живее во Шведска, неговата безбедносна фирма „Дарксел“ помогнала во изведување на основна дигитална форензика кај неколку жртви, но засега не може прецизно да се утврди кој стои зад нападите.
Иако нема потврда за точниот тип на софтвер кој е користен, безбедносните експерти не исклучуваат можност за употреба на комерцијални шпионски алатки како што се Pegasus од израелската NSO Group или Graphite од Paragon.
„Епл“ во последниве години редовно испраќа предупредувања до корисници кои се потенцијални цели на шпионски активности од државни актери. Компанијата ги охрабрува сите корисници кои добиле вакво известување да стапат во контакт со нив и да преземат мерки за заштита.