
Шоуто на Џими Кимел се враќа на телевизија, Еј-би-си ја укина суспензијата
По еднонеделна суспензија што предизвика бурни реакции и отвори широка дебата за слободата на говор во САД, телевизиската мрежа Еј-би-си објави дека вечерното шоу на Џими Кимел ќе продолжи со емитување во вторник, пренесоа странските медиуми.
Препорачано
Одлуката следи по контроверзниот коментар на Кимел во една од последните емисии, кој дел од јавноста го протолкува како политички чувствителен и насочен кон поддржувачите на МАГА-движењето. Тој предизвика силни реакции, а Федералната комисија за комуникации дури се закани со одземање на лиценците на Еј-би-си. Некои медиумски групации најавија дека ќе го прекинат емитувањето на шоуто, барајќи извинување од водителот.
Сепак, суспензијата наиде на жестоки осуди од голем број јавни личности и институции. Познати актери, режисери и синдикати од Холивуд ја нарекоа одлуката чин на корпоративна цензура. Поддршка за Кимел изразија и поранешниот претседател Барак Обама и гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом, кои предупредија дека станува збор за опасен преседан и закана за медиумската слобода.
Компанијата „Волт Дизни“, сопственик на Еј-би-си, во соопштение истакна дека суспензијата била донесена за да се избегне дополнително разгорување на тензиите, но дека по серија разговори со Кимел, одлучиле да го вратат вечерното шоу на програмата.
Иако е извесно враќањето на Кимел, останува прашањето дали емисијата ќе се емитува на сите телевизиски пазари низ САД. Некои мрежи сè уште инсистираат на извинување и дополнителни услови пред да ја вратат програмата.
САД ги укинуваат визите за оние што ја слават смртта на Чарли Кирк