
Шкендија денеска игра за историја, може да обезбеди групна фаза во Европа
Eкипата на Шкендија денеска со почеток од 19:30 во Букурешт го игра реваншот во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите против ФЦСБ, откако на домашен терен македонскиот шампион изненади со триумф од 1-0.
Препорачано
Шкендија денеска игра за историски пласман во групна фаза на едно европско натпреварување затоа што доколку го елиминираат романскиот претставник, ќе имаат обезбедено место во групната фаза од Конференциската лига.
И покрај тоа што ФЦСБ влезе како фаворит во двомечот, Шкендија во Скопје покажа дека може да се надигрува, а имаше и шанси со кои можеше да дојде и до поубедлива победа.
За денешниот натпревар, тренерот Јетон Беќири не може да смета на Камер Ќака кој заработи црвен картон на дуелот во Скопје.
Но, проблеми има ФЦСБ, каде што атмосферата не е баш најдобра, тоа можеше да се забележи и по натпреварот во Скопје откако првиот човек на клубот, Џиџи Бекали отворено критикуваше одредени свои фудбалери.
Треба да се каже и дека ако Шкендија излезе како победник од двомечот, освен што ќе има обезбедено групна фаза во Конференциската лига, ќе има и сигурен плеј-оф за Лигата на Европа.
Противник на тетовскиот клуб во третото коло би бил Карабах кој во првиот натпревар со 3-0 го совлада Шелбурн, па не се очекува изненадување, а доколку бидат елиминирани и продолжат во третото квалификациско коло од Лигата на Европа ќе се соочат со косовската Дрита.