ООУ Ѓорѓија Пулевски

Шестоодделенец малтретирал ученик со атипичен развој, му велел „глупав“, му удрил и шлаканица, а директорот советувал „наместо да плаче, да се спрема за предизвиците во животот“

Основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ во Скопје индиректно дискриминирало ученик врз основа на попреченост во образованието, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На крајот на 2024 година во паралелка од шесто одделение бил префрлен ученик кој во претходниот клас бил жртва на насилство.

Но, според наведеното во претставката, по префрлувањето во новиот клас жртвата станала насилник – на дете со потешкотии во учењето и со потешкотии во изразувањето му упатувал навредливи зборови „глупав“, „ретардиран“, го буткал, му поставувал сопки и му го шутирал ранецот, му префрлал и го провоцирал. Сето тоа кулминирало кога му удрил и шлаканица и настанала физичка конфронтација меѓу двете деца во ходникот на училиштето. Малтретираното дете возвратно му го скршило телефонот на соученикот и го гризнало. Мајката на малтретираното дете пријавувала во училиштето но оттаму не реагирале, се додека син ѝ не му го скршил мобилниот на тој што го малтретирал, па тогаш на двајцата им била дадена мерка усна опомена.

Мајката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се жалела дека нејзиниот син е усно опоменат, без училиштето да се занимава со тоа што довело до неговата реакција да му го скрши телефонот на соученикот, односно дека тоа било резултат на пријавувано малтретирање што училиштето го игнорирало. Навела дека училиштето знаело дека нејзиноот дете е со атипичен развој и дека има специфични потешкотии во учењето, дека не може да се изразува и вербално да се конфронтира, но и покрај тоа не постапиле по пријавите за насилство, каде всушност ја посочува дискриминацијата односно различното постапување кон син ѝ.

На 30 јануари 2025 година, на состанок со директорот на училиштето, тој изјавил дека детето мора да се навикнува и да се подготвува за предизвици во животот кога ќе биде закачан, а не да плаче цело време, пишува во нејзината пријава до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Една недела пред тоа, мајката ја прашала наставничката дали видела дека на детето му е удрена шлаканица.

Околу тој настан појаснува, дека детето му извикал нешто на нејзиниот син, поради што тој станал од столчето и му ја смачкал кулата, по што овој му удрил шлаканица, пишува во пријавата.

Мајката додала и дека од моментот кога ученикот бил преместен во класот, син ѝ го сменил однесувањето, не сакал да оди во училиште, постојано бил изложен на стрес и не успева да се справи со проблемот. Потенцирала дека дискриминацијата ја гледа во тоа што училиштето немало предвид дека детето има посебни образовни потреби, непостапувањето кон него како кон дете со атипичен развој кое не може да се изрази за случувањата како другите ученици и со тоа што не го зеле предвид психичкото малтретирање врз него. Пред да ја поднесе пријавата три пати барала да се осигура од психологот што точно се случува со детето.

Објаснува дека детето нема способност да се изрази на кој начин е малтретирано и дека таа за тоа дознавала од други мајки или соученички на син ѝ. Специјалниот едукатор што го посетувало нејзиното дете уште во декември 2024 година почнал да им кажува на родителите дека нешто се случува со детето, бидејќи не сакало да оди на училиште што никогаш порано не се случило. Мајката се обидела да зборува со детето но тоа одбивало да зборува со неа. На првиот состанок со психологот тој им соопштил дека детето било најверојатно жртва на врсничко насилство и дека било вознемирувано од страна на одредени деца во училиштето со зборовите „копиле“, „глупав“, „мутав“, „ретардиран“. Таа тврди дека тој бил свесен дека е различен од другите деца.

Училиштето почнало да реагира, ама дури откако се вклучиле адвокати и Комисијата за дискриминација

 

Училиштето во одговорот до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација наведуваат дека не им било пријавувано (до 29.12.2024 година) оти имало проблеми меѓу двајцата ученици освен еднаш во фискултурната сала – недоразбирање меѓу учениците кое било веднаш разрешено. Комисијата за спречување дискриминација пак, наведува дека обврска на училиштата е да знаат за проблеми и насилно поведение меѓу учениците, без некој да им пријавува. Потоа од училиштето „Ѓоргија Пулевски“ во одговорот го посочиле возвратниот инцидент кога малтретираното дете му го скршило мобилниот телефон на соученикот и кога го гризнал. Мајката смета дека оваа реакција била резултат на прелевање на чашата поради претходното непостапување на училиштето за навредите и булингот на кои бил изложен нејзиниот син, дете со атипичен развој.

Со почнувањето на второто полугодие училиштето формирало тимови за поддршка, директорот ги задолжил предметните наставници за поголема контрола во училниците и ходниците за време на малите и големиот одмор, состанок со предметните наставници за претставката на мајката. Оттаму велат дека држеле и работилници против насилство а класните раководителки нон-стоп вршеле разговори со сите ученици за градење на позитивна атмосфера меѓу учениците и поттикнување на навремено пријавување на конфликтна ситуација.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдува дека имало индиректна дискриминација извршена врз детето и дека „училиштето презело дејствија дури откако примило претставка од Комисијата“.

Претходно училиштето не постапува соодветно по пријавите, особено што било свесно дека детето има специфични проблеми во учењето и проблем со говорот. Има две поднесени пријави до директорот но не се преземени никакви мерки за заштита на ученик кој пријавил врсничко насилство. По пријавите за булинг училиштето презема мерки ама не се соодветни односно не ги заштитуваат жртвите од насилство, пишува во одлуката.

Комисијата му препорача на училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ во иднина при вакви или слични ситуации да постапува согласно Законот за основното образование и согласно Упатството за постапка при пријавување и заштита на ученик жртва на било која форма на насилство. Се препорачува вработените и директорот да промовираат еднаквост и правичност меѓу сите ученици и активно да се спротистават на сите облици на дискриминација и насилство а воспитно-образовниот кадар да ги зајакне своите капацитети за постапување со деца со попреченост со фокус на превенцијата и заштитата од сите видови насилство, преку обука и доедукација.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот