Гласање на локалните избори во Косово / 14 ноември 2021 / фото: ЕПА/ЕФЕ

Северот на Косово сè уште без избирачки места

Недостигот на кандидати од Српската листа во оваа изборна трка ќе влијае на слабата излезност на изборите, вели кандидатот за градоначалник на општина Зубин Поток, Измир Зеќири од Демократската партија на Косово.

Десет дена пред одржувањето на вонредните избори во четирите општини населени со српско мнозинство на северот на Косово, Централната изборна комисија (ЦИК) се уште не го одобрила списокот на избирачки центри. Досега се гласаше во училиштата, но овојпат шансите за тоа речиси и да ги нема бидејќи се контролирани од српскиот систем на север, кој се противи на изборите.

Алтернативните центри, како и полициските станици, исто така, се споменуваат како можни локации кои би можеле да се претворат во избирачки центри. Недоделувањето на избирачките центри создава сомнеж дека изборната активност ќе може да се одвива, велат поранешниот извршен директор на ЦИК, Аднан Меровци и претставникот на невладината Демократија во акција, Еуген Цаколи.

На 23 април се очекува да се одржат вонредни избори за градоначалници на општините Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, како и предвремени избори за двете општински собранија, во Звечан и Лепосавиќ.

Одлуката за изборите е донесена откако градоначалниците на овие општини, заедно со другите Срби, на 5 ноември минатата година поднесоа оставки, во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да се започне процес за пререгистрација на автомобилите со нелегални српски регистарски таблички.

Овие избори требаше да се одржат на 18 декември минатата година, но косовските институции беа принудени да ги откажат бидејќи групи граѓани таму предизвикаа инциденти во подготвителната фаза.

Аднан Меровци смета дека е тешко да се организираат слободни и демократски избори на северот на Косово, доколку се земе предвид политичката ситуација. Политичката состојба во тој дел од државата е кревка и тоа, според него, оневозможило одговорните институции навреме да ги завршат техничките процедури за организирање на изборите.

„Ако ситуацијата на север е таква што гласачките места се уште не се утврдени, техничкиот аспект се уште не е земен во рацете на таканаречените комесари, раководители на избирачките места, јас сум скептичен… , вели тој за Радио Слободна Европа.

Еуген Цаколи од Демократија во акција вели дека за да се одржат овие избори, ЦИК мора наскоро да ја објави локацијата на гласачките центри, за да можат гласачите да се информираат каде можат да гласаат. Овој процес, според него, требало да заврши 45 дена пред одржувањето на изборите.

„Најважно е објавувањето на гласачките центри. Засега не е познато што ќе се користи за развој на процесот на гласање. Спомнати се многу модалитети, како алтернативни центри или гласање во полициски станици и други“, вели тој.

Централната изборна комисија најави дека на „следниот состанок“ ќе има јасен преглед на гласачките центри за развој на изборниот процес. Од оваа институција не соопштуваат кога ќе се одржи оваа средба, бидејќи неделава пропадна обидот за гласање на списокот со избирачки центри.

Досега за локалните и парламентарните избори во Косово вообичаено како избирачки места се користеа образовните институции. Сепак, оваа практика може да се промени поради фактот што училиштата во српските области во Косово работат според српскиот систем и директорите можеби не дозволуваат користење на училиштата за гласање.

Најголем политички субјект во четирите општини на северот на Косово е Српската листа, која ја има поддршката од официјален Белград, а која истовремено ги предводеше четирите општини на север, земајќи над 90 отсто од гласовите во последните избори.

Оваа партија се изрази против одржување на изборите и не се пријави да се натпреварува на изборите на 23 април.

Недостигот на кандидати од Српската листа во оваа изборна трка ќе влијае на слабата излезност на изборите, вели кандидатот за градоначалник на општина Зубин Поток, Измир Зеќири од Демократската партија на Косово. И покрај тоа, тој вели дека изборите мора да се одржат и ЦИК да најде алтернативни гласачки центри во областите каде што е невозможно да се користат училиштата. „Ние сме во процес и на ниво на изборно организирање.

„Фокусирани сме да одиме на избори“, вели Зеќири за Радио Слободна Европа

 Во трката за градоначалник на овие општини се 11 кандидати од четири политички субјекти, од кои само двајца се од српската заедница.

Неприменувањето на Српската листа на овие избори ќе влијае на легитимитетот на новите институции, поточно на градоначалниците на четирите општини како и на двете општински собранија, вели Цаколи од ДнВ.

„Ќе биде невозможно да го остварат својот законски мандат. Дури и да се поедностави што е можно повеќе, верувам дека тешко ќе пристапат до општинските објекти, а камоли да успеат да даваат услуги, да одобруваат буџети или нешто друго од ваков карактер“, вели Цаколи.

Законот за општи избори во Косово не предвидува никаков праг за учество на граѓаните на изборите, вели Меровци, додавајќи дека учеството е доброволно, но резултатот од изборите не може да биде ефективен.

Сепак, Цаколи наведува дека организирањето на овие избори нема да произведе нова ситуација.

„Дури верувам дека одржувањето на овие избори ќе промовира нов изборен процес поради евентуалното неусогласување на буџетите на овие општини, кои мора да ги предложи извршната власт“, ​​нагласува тој.

Но, премиерот на Косово Албин Курти изјави дека сите подготовки за изборите на север се спремни и дека се доделени се отребните алатки за овој процес.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србите нема да учествуваат на изборите и дека владата формирана по изборите нема да има легитимитет. Тој дури ги критикуваше западните земји за нивниот „молк“, поради тоа што Курти не сакаше да ги одложи локалните избори на кои Србите нема да учествуваат. Европската унија и земјите од групата КВИНТ – САД, Велика Британија, Италија, Франција и Германија изразија жалење што Српската листа не го искористи правото на учество на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот