Бојан Христовски

Севдије Коџа признала во суд дека лажниот сертификат по англиски ѝ е од школото „Јулија“ од каде сертификат има и директорот на АНБ Бојан Христовски

Продолжуваат бранувањата околу назначувањето на Бојан Христовски за прв човек на Агенцијата за национална безбедност. Директорката на дебарската болница Севдије Коџа како што објави „Слободен печат“, со признание за вина е осудена на две години условна казна, зашто приложила лажен сертификат за познавање на англиски јазик од Бугарија и со него станала директорка. Сертификатот за англиски за кој е осудена Коџа, е од истото правно лице Julia Co. LTD од каде диплома за познавање англиски има и првиот човек на АНБ Христовски. Името на училиштето кое му го издало сертификатот, го пишува во биографијата на Христовски, објавена кога аплицирал за асистент на Факултетот за безбедност.

Пред Антикорупциската комисија се наоѓа пријава за овој аспект на јазичниот сертификат на Христовски, односно за неговата веродостојност, но до нив пред два дена стигнало и дополнување на пријавата што им беше доставена минатата недела, во кое покрај сертификатот по англиски јазик, се отвораат и нови прашања кои треба да ги проверуваат антикорупционерите – тоа што Христовски бил во различни управни одбори во времето додека работел во МВР.

Според пријавата, наводно „спорно било тоа што тој бил и припадник на МВР и член и претседател на управни и надзорни одбори основани од општините, Град Скопје и државата“ и Антикорупциска ќе треба да проверува дали ова се неспоиви дејности или пак се било во ред со овие ангажмани.

Во дополнувањето на пријавата се бара од Антикорупциска да се заинтересира и да ја провери законитоста конкретно за тоа што Христовски бил член на училишен одбор во ОУ „Љубен Лапе“ во 2009 и 2012 година, член на управен одбор на детската градинка „Буба Мара“ во 2009 година, а бил и претседател на одборот за контрола на материјално-финансиското работење на ЈУ Национален парк Пелистер Битола.

Биографијата на Христовски ја објави Факултетот за безбедност каде тој конкурирал за асистент. Таму навел и дека во 2012 година бил дел од управен одбор на Детски културен центар Карпош, член и потпретседател на Советот за спорт при Агенцијата за млади и спорт, член и претседател на управниот одбор на клиниката за ортопедија од 2007 до 2010, испитувач по предметот криминалистика во комисијата за оспособување на физичкото обезбедување (2014-2016) итн.

Изминатите денови опозициската СДСМ се противи на назначувањето на Христовски, а како еден од основите на тоа противење ја наведува дипломата на Христовски за познавање на англиски јазик од училиштето „Јулија“ во Пловдив, Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е длабоко уверен дека Христовски има оригинален документ и дека положил TOEFL тест (Test of English as a foreign language). Мицкоски за Христовски изјави дека е чесен човек кој ја сака и работи за татковината, а сите законски услови за неговото именување се исполнети. На прес-конференција запрашан дали ќе побара одговорност од Христовски, Мицкоски рече:

-Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи кои би рекол овие агенции за национална безбедност ги претворија во тврдини во борба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да. Секако дека нема да биде притисокот кој доаѓа од овие кодошко-удбашки инсталации во редовите на СДСМ, за нас креативни, како и во редовите на ДУИ, креативни соговорници кои треба да нѐ натераат да работиме под притисок. Напротив, тоа повеќе ме мотивира кога овие кодошко-удбашки струкури напаѓаат чесни луѓе кои си ја сакаат и работат за својата татковина, рече Мицкоски.

Новиот директор на АНБ пријавил дека ТОЕФЛ сертификатот го добил во март 2022 година. Јазичното училиште „Јулија“ е во сопственост на Јулија Иванова Тодорова, која истовремено е и квалификуван медијатор но и овластен судски преведувач како што може да се види од некои документи што самата ги преведувала а се закачени онлајн. „Слободен печат“ ја праша Иванова Тодорова дали нејзиното училиште во Пловдив организирало тестирање за ТОЕФЛ во 2022 година, ама одговор не добивме. Бугарски медиуми наведуваа дека таа денеска не постои на адресата што ја имале при регистрацијата, а вчера од Фејсбук исчезна и нивната Фејсбук страница.

Во моментов во базата на сертифицирани центри за издавање меѓународно признаен сертификат за англиски во Пловдив Бугарија, единствената фирма што се појавува е фирмата Интеграл.

Во меѓувреме јавно достапна стана и информацијата дека се планира закон со кој би се споиле Агенцијата за национална безбедност со Агенцијата за разузнавање во една институција. „Слободен печат“ упати прашање до американската амбасада за мислење околу оваа најава, со оглед на стратешкото партнерство.

Владините институции треба ефективно да им служат на граѓаните на нивната земја, без разлика за која структура или форма ќе се одлучат. Предложената консолидација треба да се мери според тоа фундаментално очекување. Народот на Северна Македонија не заслужува ништо помалку, велат од американската амбасада на прашањето на „Слободен печат“ за став околу најавата за спојување на АР и АНБ.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот