Сериозно повреден полицаец и над 400 приведени по инцидентите за време на одбојкарски натпревар во Атина

Еден полицаец е тешко повреден за време на инцидентите што синоќа се случија во атинска населба пред спортска сала за време на одбојкарскиот натпревар Панатинаикос- Олимпијакос, а приведени се над 400 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Повредениот полицаецот е во критична состојба. Тој за време на инцидентите бил погоден во горниот дел од ногата со пиротехничко средство, кое се запалило, по што бил хоспитализиран со неконтролирано крвавење.

Според болницата 31-годишниот полицаец во текот на ноќта претрпел и срцев удар, лекарите успеале да го вратат во живот и состојбата му се стабилизирала, но сè уште е во животна опасност.

Веднаш по инцидентите, натпреварот бил прекинат, полицијата ја затворила салата и забранила излез за навивачите, со исклучок на жени и деца и биле приведени 424 лица.

Од грчката полиција утрово соопштија дека „за време на натпреварот хулиганите излегоа од салата и се движеа заканувачки кон полицајците, фрлајќи предмети, камења, како и пиротехнички средства директно насочени кон полицајците, при што еден е тешко повреден“.

Хулиганите по инцидентот се вратиле на трибините, од каде што е приведена големата група од над 400 лица, кои и се задржани во Дирекцијата за миграција и се врши целосна проверка на личните податоци, се земаат изјави и слично.

– Горенаведената постапка е под надзор на Обвинителството, ќе биде завршена во следниот период и се следи, бидејќи постојат силни индиции дека меѓу приведените се и сторителите на нападот, соопштија од грчката полиција.

Додадоа дека на стадионот се пронајдени и одземени облека, остатоци од импровизирани запаливи средства, нож на преклоп, остатоци од опожарена облека, петарди и пиротехнички материјали.

Грчките медиуми пишуваат дека инцидентите биле меѓу навивачи на Олимпијакос и полицијата, а навивачите ги нападнале полицајците со молотови коктели и разни предмети, како и со пиротехнички средства.

Министерот за заштита на граѓаните Јанис Иконому во текот на ноќта ја посети болницата каде што е хоспитализиран полицаецот и порача дека нема да остане неказнет убиствениот напад од хулиганите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот