„Ајфон 16“ / Фото: EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT

Сериозно поскапуваат „ајфоните“ – се произведуваат главно во Кина, а врз цената притискаат царините на Трамп

Компанијата „Епл“ планира да ја зголеми цената на следната генерација на „ајфон“, која се очекува да биде претставена оваа есен. Иако компанијата избегнува тоа да го наведе како причина, ценовниот скок најверојатно е поврзан со зголемените царини за увоз на производи од Кина – земја каде што сè уште се произведуваат најголем дел од уредите на „Епл“.

И покрај привремените олеснувања во трговијата меѓу САД и Кина, американската влада и понатаму наплатува царини од 30% на увозот од Кина. Овие давачки сериозно ги зголемуваат трошоците на технолошките компании, меѓу кои е и „Епл“, пишува „Тек кранч“.

Од компанијата соопштија дека во периодот од април до јуни, царините ќе ги зголемат нивните оперативни трошоци за околу 900 милиони долари. За да го ублажи овој удар, „Епл“ веќе почна да преместува дел од производството во Индија, и се очекува голем дел од iPhone телефоните што ќе се продаваат во САД да бидат произведени токму таму.

Аналитичарите предупредуваат дека зголемувањето на цената би можело негативно да влијае врз продажбата, особено бидејќи конкурентите како „Самсунг“ веќе нудат напредни функции базирани на вештачка интелигенција – нешто во што „Епл“ сè уште заостанува.

Најевтината варијанта на моделот „ајфон 16“ во моментов во Америка се продава по цена од 800 долари. Но, поради царините, неговата цена би можела да достигне и до 1.142 долари – што е зголемување од дури 43 отсто, според проценките на аналитичарската куќа „Розенблат Секјуритис“.

Сепак, „Епл“ не планира само да ја зголеми цената – компанијата ќе понуди и нови подобрувања, како што е ултратенок дизајн, со цел да ја оправда повисоката цена пред потрошувачите.

Освен „Епл“, и други големи компании се соочуваат со слични проблеми. На пример, „Амазон“ неодамна беше под притисок од Белата куќа, откако нивниот малопродажен синџир „Хол“ разгледувал можност да ги вклучи царинските давачки во цената на производите – потег што администрацијата на тогашниот претседател Доналд Трамп го оцени како „политички мотивиран и непријателски чин“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот