
Серафимов: Никогаш не сме потцениле противник, така ќе биде и овој пат против Лихтенштајн
Македонската фудбалска А репрезентација ги продолжува подготовките за претстојните натпревари, пријателскиот против Саудиска Арабија (4 септември, Прага, Чешка) и Лихтенштајн (7 септември, Национална арена „Тодор Проески“ – Скопје) од квалификациите за Светското првенство 2026.
Препорачано
Најдобриот национален тим е во комплетен состав откако денеска пристигнаа Елиф Елмас и Дарко Чурлинов. Двајцата во текот на вчерашниот ден официјално потпишаа договори со своите нови клубови, Елмас како повратник во Наполи, а Чурлинов во турски Коџаелиспор.
Никола Серафимов, дефанзивецот на Левски од Софија смета дека треба да се фокусираме на мечот во Прага, а потоа со Лихтенштајн. Фаворити сме на хартија, но вели дека тоа во денешниот фудбал не важи.
– Првиот натпревар против Саудиска Арабија мислам дека ќе биде одлична можност да видиме во каква форма сме. Кога доаѓаме за настап во репрезентацијата сите доаѓаме со посебен мотив и желба, го даваме и последниот атом од силата. Мора да се фокусираме на мечот во Прага, а потоа со Лихтенштајн. Фаворити сме на хартија, но тоа во денешниот фудбал не важи. Кога однапред ќе ги запишете трите бодови тоа никогаш не е добро. Треба да влеземе како и на сите останати мечеви, ние како група и овој стручен штаб никогаш не сме потцениле никого, така ќе биде и овој пат. Трите бодови ни се и повеќе од неопходни – вели Серафимов.
Ова лето Серафимов потпиша за бугарскиот клуб Левски со договор до лето 2028 година.
– Нов клуб, нова средина, нови почетоци. Исто како што и тука го давам максимумот, го давам и во клубот. Се надевам дека новото поглавје во мојата кариера ќе биде поуспешно од тоа што било претходно – се зборовите на нашиот репрезентативец.
Илиевски: Натпреварот против Лихтенштајн е многу важен за нас