
Семејствата на жртвите на Коста К. бараат кривична одговорност од 12-годишна возраст
Семејствата на жртвите од „Рибникар“ побараа кривична одговорност за родителите кои со негрижа или со поттикнување придонесуваат нивните деца да извршат тешко кривично дело.
Семејствата на убиените деца и домарот во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград денеска најавија дека ќе поднесат иницијатива до Министерството за правда, со која, преку измени на законите, ќе се преиспита и намали старосната граница за кривична одговорност од 14 на 12 години, објави српски Н1.
Препорачано
Како што е наведено во соопштението на семејствата на настраданите на 3 мај 2023 година во „Рибникар“, од Министерството бараат и воведување кривична одговорност за родителите за тешките кривични дела што ќе ги извршат нивните деца, како и укинување на забраната со која помлад полнолетник (од 18 до 21 година) не може да добие доживотна затворска казна, туку – во зависност од биопсихичката зрелост и од околностите на делото – да постои можност за изрекување на максималната казна предвидена со законот.
Според оценката на родителите, со спуштањето на границата на 12 години за тешки кривични дела со елементи на насилство, Србија би ги следела современите тенденции и би испратила јасна превентивна порака – дека правниот поредок ја препознава реалноста и дека бруталното однесување нема да остане несанкционирано.
Родителите мора да сносат кривична одговорност
Семејствата на убиените нагласија дека е важно воведувањето на кривична одговорност за родителите.
„Родителот не може да остане без последици ако со груба негрижа пропушти да го надгледува своето дете, ако го поттикнува, обучува или му овозможува извршување на делото, а во одредени случаи, кога неговото постапување значително придонело за извршувањето, да одговара како соучесник, односно како да го извршил делото лично. Такви решенија се во согласност со стандардите на споредното право и со современиот пристап кон регулирање на родителската одговорност“, наведоа семејствата на жртвите од масакрот во „Рибникар“.
Родителите истакнаа и дека е неопходно да се уреди и одговорноста на сите оние кои злоупотребуваат деца за извршување кривични дела.
Тие порачаа дека без јасно дефинирани превентивни механизми и доследна примена на законот, одговорноста за последиците останува дифузна, што го охрабрува насилството и создава чувство на неказнивост.
Оваа иницијатива, според нив, не е крај, туку почеток – искра што треба да поттикне поширока реформа и да ги обедини експертите, институциите и целото општество во создавање побезбедна средина, порачаа семејствата.
За потсетување, На 3 мај 2023 година, 12-годишниот Коста Кецмановиќ уби девет ученици и еден чувар на училиштето, а повреди уште шестмина.
Судот процени дека злосторството е резултат на сериозни недостатоци во семејното воспитување и изложеност на несоодветна содржина, како што е пристап до стрелиште.