
Секој петти работник во Албанија е странец
Албанија во последните неколку години се соочува со недостиг на работна сила во речиси сите сектори, поради миграцијата на работоспособната популација, па сè побројни се странците кои ги пополнуваат работните места.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Од брегот на Саранда, централниот, па сè до северниот дел на земјата – албанскиот јазик со странски акцент се слуша сè повеќе бидејќи странци се вработени во многу бизниси. Нивниот број е 20 отсто од бројот на вработените, кои тука заработуваат, а се дојдени од Филипини, Уганда, Мјанмар… но и од Италија, Косово, Македонија, пишуваат албанските медиуми.
Земјоделството, индустријата, градежништвото и туризмот се секторите кои страдаат од недостиг на работна сила, поради што „увезени“ се најмалку 11 илјади странски работници за да ги пополнат слободните работни места, но сеуште има недостиг, оценува Топ чанел.
Недостигот на работна сила е акутен во неколку клучни сектори. Најпрво се вработуваа во хотелскиот сектор, а сега и во фабрики за преработка на земјоделски производи.
Според Националната агенција за вработување, 20 проценти од работната сила во Албанија е покриена со странци, додека во иднина ќе се создадат повеќе можности во новата законска рамка за странците во земјата.
Гертиола Хоџа, директорка на Агенцијата за вработување потврдува дека 20 отсто од работниците се странци и најавува дека се подготвуваат измени во законот за странци, за да ги олесни правата на имигрантите, како и нивната заштита, пристапот до информации, пазарот на трудот итн. Според неа Владата планира да донесе 40 илјади странци на работа во Албанија.