Азир Алиу Фото: Фејсбук

Секој граѓанин може да закаже средба и лично да се види со министерот за здравство

Секој граѓанин, секој петок може да закаже средба со министерот за здравство Азир Алиу преку алатката Отворен кабинет. Министерот на прес – конференција кажа дека веќе се резервирани првите 15 термини за состанок со него.

– Лице в лице, човечки разговор со почит, одговорност и подготвеност за конкретни решенија. Првите 15 термини веќе се резервирани. Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам – нагласи Алиу.

Оваа иницијатива, смета тој, не е само услуга, туку став дека здравството не смее да биде затворен систем.

За неговата визија како министер, тој рече дека е да се изгради здравствен систем што зборува со граѓанинот, делува со интегритет и се води од доверба.

– Систем што не се води од впечаток, страв или политички притисоци, туку од точни податоци, реална анализа и вистинските потреби на населението – заклучи министерот за здравство Азир Алиу.

Тој најави дека набрзо ќе бидат отворени нови 300 слободни места за кадри од редот на приватните специјализанти.

– Болницата во Куманово нема да остане без операции, тој предизвик не е само за таа болница, туку и за цела Македонија, но и внатре во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. И тука, од една во друга клиника, во овој кампус, исто така, правиме таков тип на хоризонтална мобилност на профилите. Тоа се случува бидејќи досега за жал креирани политики во здравството биле само врз основа на семејни или другарски односи, а не врз основа на реални потреби што Министерството ги има за стручен кадар, рече тој.

Тој рече дека набрзо ќе се отворат нови места за што има потреба.

– Ние набрзо ќе отвориме уште 300 слободни места за специјализанти, во профили од кои навистина имаме потреба. Немаме радиолози во државата, па затоа и таму се случува пациенти да чекаат со денови за резултати за читање на слики. Триста веќе беа објавени и се завршени, а 300 ќе се објават од наредната недела – додаде Алиу.

Прашан за тоа како побрзо до термини кај стручни медицински лица и дијагностика, тој рече дека се прави анализа, па ќе следува систем со реални решенија, систем поврзан со Мој термин и јасно дефинирани протоколи, за одење на еден пациент од примарно во секундарно, па во терцијарно здравство.

– Ќе имаме јасни индикатори за секој доктор, дали услугите што треба да ги нуди, во примарно и терцијално, ги нуди, или само прави редирект на пациентите од примарно на терцијарно здравство – кажа Алиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот