
Седум доктори од Детска клиника барале обука за интензивна нега и не ја добиле – на дежурство им почина 14-месечното бебе
Седум доктори од Клиниката за детски болести во јули на раководството на Клиниката му доставиле допис во кој бараат шестмесечна обука за да може да дежураат на одделот за интензивна нега, бидејќи сметале дека им е потребно такво проширување на знаењето во специфичниот оддел, но не ја добиле обуката, потврдуваат за „Слободен печат“ три независни извори, вработени во Клиниката.
Препорачано
Без да им биде позитивно одговорено на барањето за дополнителна обука, тие исти седум доктори биле ставени да дежураат на одделот за интензивна нега, а 14-месечното бебе почина кога на смена биле дел од нив. Во дописот стоело дека лекарите не одбиваат работна задача, но бараат да поминат шест месеци едукација.
Извори од Клиниката се децидни – неопходни се промени на одделот за интензивна нега и да се престане со туркање на проблемите под тепих.
– Бараа едукација, бидејќи во минатото постоеше шестмесечен турнус после специјализацијата. Во тие шест месеци персоналот го поминуваше целото време на одделот за интензивна нега и се запознаваа комплетно со сите работи. Таква едукација овојпат не добија иако ја бараа на писмено – вели за „Слободен печат“ специјалист од Клиниката за детски болести.
Тој додава дека одделот за интензивна нега кадровски не е заокружен, колегите се повозрасни, за неколку години ќе престанат да дежураат, а одделот дотогаш мора да работи и да се екипира. Според него, потребно е барем пет доктори да бидат обучени и перманентно да останат во интензивната нега, но и да се променат во целост тријажните критериуми на одделот.
Проблемот со интензивната нега во болницата е голем, но не е единствениот. Термините за супспецијалистички преглед се пуштаат само неколку пати во месецот, наместо да ги има секој ден.
– Тријажните критериуми на одделот се „фашистички“. Ако е преполно одделението тогаш треба да се примаат само тие со опасност од смртен исход, а ако не е преполно одделението, тогаш треба да се примаат сите со потенцијал за дестабилизирање. А дали така се прави во пракса? Или пак, често пати се кажува дека детето не е за на интензивна нега, а одделението зјае празно – вели нашиот извор.
Во меѓувреме, таткото на починатото 14-месечно бебе, Вулнет Суљиси денеска за „Слободен печат“ изјави дека ќе ја тужи болницата со адвокат. Од Обвинителството не добил повик и покрај тоа што вчера стручната комисија на Министерството за здравство утврди пропусти во лекувањето на неговата ќерка.
– Ако не ги тужам, ниту ќе купат опрема, ниту ќе вработат доктори, ниту ќе се обучат. И другите деца ќе бидат во опасност како што беше моето. Сакам тоа да го спречам, јас не знам како може да функционираат така, без кадар, без опрема – вели Суљиси.
При направениот стручен надзор на Клиниката за детски болести и во Клиниката „Козле“, констатирани се недостатоци кои се системски, технички и во однос на стручноста. Во Министерството за здравство и во Детската клиника денеска прашавме во кој временски период, до кој датум ќе ги отстрануваат овие недостатоци, односно како ќе го решат проблемот за идните пациенти. Одговори до објавувањето на овој текст не добивме.
– Констатирано е непостоење на препораки за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман. Констатирана е потреба од континуирана обука на докторите на Клиниката за детски болести за срцево-респираторна поддршка. Во Козле е констатирана потреба од апарат за пружање респираторна поддршка, инвазивна и неинвазивна. Констатирано е и потреба од видеоларингоскоп на Детската клиника, како и унапредување во организирањето на транспорот на пациентите од една во друга установа. Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потребата од хоспитализација при вториот преглед на бебето извршен на клиниката на 3 октомври – изјави вчера министерот за здравство Арбен Таравари.
Според нашите информации две докторки тогаш решиле дека бебето не е за хоспитализација.
Лекарската комора со загриженост го следи настанот со починатото 14-месечно бебе.
Во однос на активностите што ќе ги преземеме, засега може да кажеме дека откако ќе го добиеме извештајот од Министерството за здравство, ќе биде разгледан во Комората, а што ќе се преземе понатаму зависи од неговата содржина, велат оттаму.