Фото: EPA

Се запознала со принцот Фредерик во паб: Која е идната данска кралица Мери?

Абдицирањето на последната владејачка кралица во светот, Маргарет Втора, предизвика бурни реакции, како во Данска, така и во остатокот од светот. Сепак, тоа беше причина и за вистинска прослава во далечната Австралија, од каде што потекнува идната данска кралица Мери, сопруга на престолонаследникот Фредерик, пишува „Јуроњуз“.

Кога синот на Маргарет официјално ќе го преземе тронот од неговата мајка на 14 јануари, Мери ќе стане првата кралица во светот со потекло од Австралија.

Судбоносна средба во паб во Сиднеј

Помалку од еден месец откако кралицата Маргарет Втора го презеде престолот во 1972 година, по смртта на кралот Фредерик Деветти, родена е Мери Доналдсон во Хобарт, главниот град на Тасманија. Нејзините родители биле исселеници од Шкотска – мајка ѝ била асистентка на Универзитетот во Тасманија, а татко ѝ бил универзитетски професор по математика.

Мери пораснала во предградијата, со нејзиниот брат Џон и сестрите Џејн и Патриша, но многумина ги препознале нејзините лидерски квалитети уште во раното детство.

„Таа беше популарна ученичка и се истакнуваше во толпата“, изјави нејзиниот стар учител Џеф Локхарт за „Сиднеј морнинг“.

Откако дипломирала право и економија на Универзитетот во Тасманија, имала успешна кариера во рекламирањето, а потоа и во агенција за луксузни недвижности.

Фото: EPA/KELD NAVNTOFT

Сепак, една судбоносна средба за време на Олимпијадата во 2000 година ѝ го промени животот.

Мери тогаш имала 28 години и се упатила во паб во Сиднеј на пијачка со пријателите. Таму била присутна и група „туристи“ од Европа: данските принцови Фредерик и Јоаким, нивниот братучед принцот Николај од Грција и Данска, норвешката принцеза Марта и сегашниот крал на Шпанија – Фелипе Шести.

Никој не знаел дека младите принцови и принцезата се таму, ниту пак папараците ги следеле до пабот, па Мери и нејзиното друштво ноншалантно им се претставиле. Најсериозната дебата за вечерта била дали мажите изгледаат подобро со или без брадавици на градите.

„Половина час подоцна некој дојде кај мене и ми рече: ‘Знаеш ли кои се овие луѓе?’“, раскажа Мери во шоуто на австралискиот комичар Ендрју Дентон во 2005 година.

„Му го дадов мојот телефонски број на Фредерик и тој ми се јави следниот ден, па може да се каже дека нешто ‘кликнало’. Тоа не беше огномет или нешто слично, но имаше чувство на возбуда“, се присети идната данска кралица на таа средба.

Фото: EPA/DEAN LEWINS

Набрзо започнале врска на далечина, а веќе во 2002 година Мери решила да се пресели во Данска, каде што се вработила во „Мајкрософт“ и почнала да го учи јазикот.

Двојката се венча две години подоцна во катедралата во Копенхаген, а се проценува дека телевизискиот пренос на церемонијата, и покрај различната временска зона, го гледале повеќе од милион луѓе во Австралија.

Таа беше пречекана со ентузијазам во Данска, каде што анкетите на јавното мислење покажаа дека мнозинството ја смета за добра идна кралица.

Фото: EPA/Carl Redhead

Иднината на данската монархија

Во поголемиот дел од нејзиното владеење, кралицата Маргарет Втора беше популарна личност во Данска и многумина очекуваа таа да остане на тронот до нејзината смрт.

Монархот со најдолг стаж во историјата на земјата стана позната по облеката со светли бои, љубовта кон археологијата и – цигарите.

Во последниве години, таа го надгледуваше спроведувањето на низа реформи насочени кон зајакнување на институцијата на кралското семејство, кое повеќе нема законско овластување, но останува симболично важно во данското општество.

Фото: EPA-EFE/LISELOTTE SABROE

Таа решила да го намали бројот на носители на кралски титули и ги реструктуирала финансиите на палатата, така што само директниот престолонаследник добива плата од државниот буџет.

Сега следното поглавје во историјата на кралското семејство ќе го напишат Фредерик и Мери, пишува „Би-би-си“.

Двојката, која се здоби со добра репутација за негување модерни вредности, ги испрати своите деца во државни училишта и станаа борци за правата на жените и ЛГБТ+ луѓето.

„Отсекогаш сум имала силно чувство за правда: дека сите треба да ги имаат истите можности, без разлика од каде доаѓаат“, изјави Мери за „Фајненшл тајмс“ во 2022 година.

Фото: EPA-EFE/Mads Claus Rasmussen

Додека милиони Данци се збогуваат со единствената кралица што некогаш ја имале, церемонијата на крунисувањето ќе се одржи на 14 јануари.

„Се надевам дека новиот крал и кралица ќе бидат пречекани со истата доверба и посветеност со која бев наградена. Тие го заслужуваат тоа. Данска го заслужува тоа“, изјави кралицата Маргарет Втора.

За тоа време, во Австралија, престолонаследничката Мери, и покрај тоа што одамна се откажа од државјанството на својата татковина, беше прославена како „национален амбасадор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!